Долготраен прекин на наставата може сериозно да го наруши наставниот процес и да им наштети на учениците, предупреди на денешната прес-конференција пратеничката Санела Шкријељ од СДСМ.
Таа посочи дека на негативните последици од прекинот на наставата предупредил и УНИЦЕФ, најголемата меѓународната организација за помош на децата во светот.
„Доколку се продолжи вака, учениците и наставниците ќе се соочат со пролонгирање на школската година или ќе мора изгубените часови да ги надоместат со настава во сабота.
Прекинот на наставата може да им наштети на уписите, на државната матура, но и на околу петстотини наставници кои треба да полагаат стручен испит.
Затоа апелираме да продолжи социјалниот дијалог, без уцени, СОНК треба да се врати на разговорите, само така може да се дојде до решение“, истакна Шкријељ која побара наставниците да се водат од интересите на нивните ученици.
Претставничката на СДСМ посочи и дека Владата како никоја претходно покажала слух и разбирање за сите граѓани, за сите вработени.
„Показател за тоа е што за период од четири и пол години платите во образованието се зголемени од 3.200 до 6.400 денари.
Покрај инвестициите во платите, реализиравме бројни проекти за подобрување на условите за работа на наставниот кадар преку изградба и реновирање на училишни објекти“, рече Шкријељ.