13.8 C
Скопје
1. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи на средба со Кулеба: Херојскиот отпор на украинскиот народ е за највисоко восхитување

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, како дел од тројката претседавачи со ОБСЕ, заедно со хомолозите од Полска, Збигњев Рау и од Шведска, Ан Линде, денес на полско-украинската граница оствари средба со нивниот колега од Украина, Дмитро Кулеба.

На средбата со Кулеба беа дискутирани потребите на украинската страна за одбрана на својата земја и помошта што меѓународната заедница треба да ѝ ја обезбеди на Украина за справување со последиците од војната.

„Треба да направиме повеќе не само за справување со последиците туку и да го запреме ова лудило. Херојскиот отпор на украинскиот народ е за највисоко восхитување: додека ја бранат својата татковина, тие ги бранат и нашите заеднички вредности, нашите принципи, нашиот начин на живеење и наша должност е да им помогнеме на секој можен начин“, истакна Османи на прес-конференцијата по средбата со Кулеба.

Министрите го посетија и прифатниот центар за бегалци „Млини“ во близина на граничниот премин Корчова на полско-украинската граница. Како резултат на руската воена агресија милиони граѓани на Украина беа принудени да ги напуштат своите домови и да бараат засолниште, пред сѐ, во соседните земји.

„Сликите од кампови и од бранови беглаци се длабоко вознемирувачки, особено за нашиот регион, каде што сѐ уште се свежи сеќавањата од војните во 90-тите години“, нагласи Османи.

Министрите уште еднаш ја осудија неоправданата и неиспровоцирана руска воена инвазија врз една независна држава, спротивно на меѓународното право и основните документи на ОБСЕ. Воедно, укажаа и на неопходноста од почитување на меѓународното хуманитарно право и фундаменталните човекови права од страна на Руската Федерација.

Посетата на тројцата министри е дополнително уверување дека Украина ќе биде во фокусот на дејствувањето на ОБСЕ и во таа насока ќе се искористат сите механизми на Организацијата за постигнување мир, безбедност и трајна стабилност во земјата, но и во целиот ОБСЕ-регион.

Спонзорирано: