Трите конкурсни решенија за просторот кај „Треска“ кои беа направени набрзина, не може да се применат во целост бидејќи не се усогласени со ДУП-от, како и со имотно правната сопственост, односно не се согласно важечките законски прописи. Не постои закон со кој се утврдува конкурсно решение да биде вметнато во ДУП-от, а во случајот не станува збор за финални проекти, туку само идеи или предлози за нешто што би можело да се направи на локацијата.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги „наследи“ овие „конкурсни решенија“ кои беа распишани на барање на претходниот Совет во Општината, пред тој да стапи на функција. По преземањето на функцијата, Герасимовски направил широка консултација со службите и правниот сектор околу овие решенија и нивната применливост. Конкурсот иако бил распишан на барање на претходниот Совет, никој не проверил дали очекуваните конкурсни решенија законски е возможно да бидат целосно вградени во идни плански документи.
„Овде имаме ситуација каде предложените решенија воопшто не кореспондираат ниту со сопственоста, ниту пак идејните решенија кореспондираат со актуелниот ДУП. Во суштина, ќе се направи обид да се искористи максимум од идејните решенија, но не може да се применат во целост, односно во постапката за донесување ДУП Градска четврт З-11, локалитет Буњаковец 1 и Буњаковец 2 секако дека ќе се земат предвид конкурсните решенија, но крајното решение за овој опфат ќе се решава интегрално како дел од опфатот на целиот ДУП, а ќе зависи и од останатата законска регулатива која имаме обврска да ја почитуваме, како и параметрите од ГУП на Град Скопје“, вели Герасимовски во интервју за Локално.
Дека трите конкурсни решенија не може да бидат вградени во идните плански документи констатирала и жири комисијата која ги оценувала конкурсните идејни проекти, вели градоначалникот на Општина Центар.
„Како што е евидентно и во самиот извештај, сите три понудени идејни решенија на конкурсот не соодветствуваат со зададените параметри, при што дури и прворангираното идејно решение ја надминува дозволената катност за 3 ката (предвидува комбинирана катност од четири и осум ката); второрангираното предвидува станбени блокови со шест ката и станбени кули со дури седумнаесет ката, а пак во треторангираното предвиден е вертикален елемент – кула од 71 метар со намена хотел. Наспроти ова, на опфатот „Треска“ ДУП-от предвидува максимална катност од приземје плус 5 ката, или максимална висина од 16 метри. Иако висината не е единствениот параметар кој се гледа урбанистички, сепак понудените конкурсните решенија излегуваат од важечката регулатива поради што може да се користат само во делови“, изјави градоначалникот.
Герасимовски вели дека идејните конкурсни решенија веќе биле достапни во јавноста, освен на страницата на општината каде беа објавени, истите може да се најдат и во интернет просторот, како на пример на страницата на „Македонска архитектура“ на следниот линк: https://marh.mk/izvestaj/, заедно со нивна визуелизација, како и целосниот извештај на жири комисијата за избор на идејно решение.