23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Русија веднаш да ја прекине воената акција и да ги повлече трупите, порача Ковачевски на самитот на НАТО

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски на вонредниот самит на НАТО на шефови на држави и влади, истакна дека руската воена агресија во Украина е неиспровоцирана и неоправдана и сериозно кршење на меѓународното право.

Тој рече дека Северна Македонија се придружува кон повиците до Русија веднаш да ја прекине воена акција и да ги повлече сите воени трупи и капацитети од Украина и ја поздрави храбрата одбрана на Украина која ја штити слободата на своите граѓани и суверенитетот на државата. Во таа насока, дециден е Ковачевски, Северна Македонија силно го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, во нејзините меѓународно признати граници и нивното право слободно да ја избираат својата надворешнополитичка ориентација и безбедносни аранжмани.

Премиерот Ковачевски потенцираше дека во овие несигурни времиња, гордост е да се видат сите придобивки од единството на НАТО и ЕУ во одговорот на воената агресија на Русија во Украина кои вклучуваат и важни чекори за зајакнување на одбранбените капацитети на источното крило на алијансата.

Ковачевски истакна дека Северна Македонија обезбеди хуманитарна помош и медицински материјали за Украина, и дека е подготвена да ги прифати украинските бегалци кои би дошле во земјата.

Премиерот посочи дека внимателно се идентификувани и се следат агресивните активности на Русија и во регионот на Западен Балкан, и дека тие имаат за цел да ги поткопаат угледот и довербата во НАТО и ЕУ, да предизвикаат безбедносна криза која ќе влијае на стабилноста и просперитетот на Западен Балкан и да создаде дилема околу стратешката улога на НАТО и ЕУ во регионот.

Ковачевски укажа дека НАТО и ЕУ мора да го задржат кредибилитетот на своите политики во регионот за дополнително зајакнување на безбедноста.

Претседателот на Владата потенцираше дека политиката на отворени врати на НАТО беше историски успех кој обезбедува траен мир и безбедност на целиот Европски континент, наспроти отсуството на кредибилна европска и евроатлантска перспектива за Западен Балкан која може да има повеќекратни негативни тенденции.

Ковачевски дополни дека проширувањето на ЕУ ќе ја зголеми безбедноста и ќе ја консолидира демократијата и затоа е од исклучителна важност за Северна Македонија и Албанија да започнат преговори за пристапување во ЕУ, без натамошни одложувања.