На втори јануари се празнува Свети Игнат, а се верува дека она што ќе го правите утре, ќе ви се случува во текот на целата година.
Во народното верување се смета дека на овој ден започнале породилните болки на Пресвета Богородица. Но, во преданието на Православната црква јасно е забележано дека Пресвета Богородица воопшто и немала породилни болки.
Кај нас овој празник претставува еден од оние празници за кој постојат многу обичаи и суеверија.
Се смета дека сè што ќе се прави на овој ден, ќе ви се случува во текот на целата година.
Од овој ден почнува да расте денот и почнуваат вистинските бадникови и божиќни обичаи и затоа во некои делови на Македонија се месат коледарски колачиња, а некаде се изведува и обичајот полазеник (прв гостин во домот).
За полазеник го сметале првиот гостин што доаѓал и го пречекорувал прагот на куќата. Според народните верувања, каков ќе биде полазеникот, таква ќе биде и годината за семејството.
Во минатото постарите ги заклучувале вратите од своите домови за да не им влезат лоши луѓе и лошо да им тргне.
Се верува дека на овој ден не е добро да позајмувате некому пари, за парите да не ви одат од куќата.


