„Дел од новоизбраните градоначалници своето незнаење и некадарност го покриваат префрлајќи ја одговорноста на МВР, па по градоначалничката на Скопје, денеска со сличен небулозен Фејсбук статус се обрати и градоначалникот на општина Аеродром Тимчо Муцунски, кој дали поради незнаење или пак свесно сакајќи да шири дезинформации поставува прашање до МВР зошто не реагира на наводна забрана за движење на тешки товарни возила во реон на Горно Лисиче, каде тој без да ги почитува законите постави т.н. „легнат полицаец“, “, велат од МВР по денешниот Фејсбук статус на градоначалникот Тимчо Муцунски. Од таму додаваат:
За точно и правилно информирање, ја известуваме јавноста дека МВР не може да презема мерки за движење на тешки товарни возила на територија на општина Аеродром -н. Горно Лисиче бидејќи движењето на тешките товарни возила не е регулирано со сообраќаен знак, а сообраќајните знаци по закон ги поставува локалната самоуправа. Односно, на наведеното подрачје нема поставено соодветна вертикална сообраќајна сигнализација -сообраќајни знаци за водење на товарниот сообраќај или за забрана за движење на истите.
Во однос на “легнатите полицајци” или стручно кажано вештачки испакнатини кои што претставуваат сообраќајно технички мерки за забавување на сообраќајот и се сообраќајна опрема на патиштата, а не урбана опрема, напоменуваме дека истите се поставени без претходна согласност од МВР согласно член 351 од ЗБСП.
Апелираме до Муцунски да не ги манипулира граѓаните и да престане со ефтините подметнувања. Наместо да пишува Фејсбук статуси да си ја заврши својата работа, а доколку има потреба и помош од МВР му стоиме на располагање во секое време да соработуваме како институција со институција, а не со подметнување лаги преку социјални мрежи.