23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Петровска на УБ: ВМРО ДПМНЕ нема, а мора да има јасен став за Преспанскиот договор

Одлука да не се користи уставното име  ВМРО – ДПМНЕ како партија ќе треба да ја образложи и нормално да сноси некаков вид на политички санкции би рекла. Популистичка е таа одлука, тоа што се случи вчера. Тоа покажува дека во ВМРО – ДПМНЕ ништо апсолутно не е променето ниту пак е реформирано, рече пратеничката Славјанка Петровска во гостувањето на “Утрински брифинг”

-Однесувањето на ВМРО – ДПМНЕ во изминатиов период и пред кампањата и во текот на кампањата, а и сега покажува дека тие се далеку од реформирање, а и далеку од ЕУ.  Тие ризикуваат да предизвикаат во државата отворање на дополнителни прашања за кои мислам дека ниту еден модар и рационален политичар не би го направил истото. Кога сакате и мислите добро на државата не се враќате назад туку одите напред. ВМРО – ДПМНЕ треба да даде изрично јасен одговор, кој е нивниот став по Преспанскиот договор. Тие ќе треба да објаснат што значи тоа нема враќање назад, појасни Петровска.

Според неа коалиционите партнери застанале зад оваа актуелна Влада и потврдиле дека таква Влада и е потребна на нашата држава.

-Периодот кој што претстои,  генерално гледајќи ги случувањата на светската сцена, најавуваат сериозни проблеми и во енергетиката, но и во економијата кој се одраз на она што ни се случуваше изминатата година со Ковид – 19 и од тука сме поприлично внимателни со процесуирањето на сите одлуки, појасни таа.

Според Петровска одлуката која што претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев ја соопштил вечерта по соопштувањето на изборните резултати, е негова лична одлука.

 -Ние како партија секако дека ја почитуваме неговата одлука, но престои период во кој што таа одлука ќе треба да биде дискутирана во рамките на органите на партијата. Меѓутоа, веќе вчера како што можевме да видиме од медиумите започнаа разговорите со коалиционите партнери, главната порака која ја испратија коалиционите партнери е дека постои стабилно владеачко мнозинство. Ова не го кажувам само за да ја демотивирам опозицијата затоа што најавуваат обиди за преговори за ново мнозинство, туку затоа што сакаме да упатиме порака кон граѓаните дека имаме стабилно мнозинство и дека ниту со еден чекор не сакаме да предизвикаме било какви политички турбуленции во нашата држава или да речеме политичка или економска криза, појасни Петровска.