Прес конференција број 1 на кандидат за градоначалник Константин Георгиески:
Почитувани
Додека јас и кандидатите за советници од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ секојдневно пред вас ја презентираме програмата со најдобрите проекти за Охрид, од спротивната страна имавме можност да слушнеме само паушални ветувања, копирани идеи и најави за проекти кои се веќе во поодмината фаза на реализација. Од нив не слушнавме ништо ново, ништо поразлично, само безидејност и празни зборови.
Презентираат дека во нивната програма имале проект за Изградба на катна гаржа, а не кажаа ниту еден детал како таа ќе изгледа. Тоа е така затоа што тие не може да имаат детали, бидејќи деталите ги имаме ние, затоа што ние работевме на овој проект.
Благодарение на посветеноста на оваа локална власт, финализирана е постапката за изградба на нова катна гаража на локација во близина на градскиот пазар. Беше изработена Физибилити студија и беше извршена е експропријација на земјиштето. Владата веќе има донeсено одлука за трајно користење. Изработен е проект за изградба на катната гаража и добиена е согласност од Владата за распишување на повик за јавно приватно партнерство. На 12 октомври го добивме и потребното конзерваторско мислење од Управата за заштита на културно наследство. Веднаш по изборите ќе биде распишан повикот за Јавно приватно партнерство.
Катната гаража ќе биде изградена по сите современи стандарди на површина од 1215 м2, со бруто површина од 6875м2 и ќе биде наменета за повеќе од 150 возила. Објектот ќе располага и со деловен простор од кои на општината ќе и бидат на располагање околу 800 метри квадратни.
По малку изгледа смешно, ама кажуваат дека имале проект за реконструкција на улицата „Македонски Просветители“, но повторно не презентираат детали како таа ќе изгледа. А причината за тоа е иста, тие воопшто немаат детали, затоа што деталите ги имаме ние, затоа што ние посветено работеме на овој проект, кој е пред почеток на реализација.
Реконструкцијата на оваа значајна сообраќајница е главниот инфраструктурен проект кој се реализира како дел од „Проектот за поврзување на локални патишта” имплементиран од Министерството за транспорт и врски со финансиска поддршка од Светска банка. Се работи за модерно сообраќајно решение кое предвидува две одвоени коловозни ленти со тротоари од двете страни, велосипедскa патекa, нова атмосферска канaлизација и ново улично осветлување. Сите тендерски постапки се комплетирани и завршени се сите процедури и наскоро треба да започнат предвидените градежни активности.
Почитувани, ви ветуваат дека ќе работеле на проекти за реконструкција на улица „Будва“ и улица „Прилепска“, а постапката за двете улици исто така е завршена и деновиве треба да започнат градежните работи за реконструкција.
Исто така, пред почеток на реализација е и реконструкцијата на улица „Гоце Делчев“ со која населбите Воска и Далјан добиваат нов инфраструктурен проект вреден 38.500.000 денари. Ова се средствата кои ги обезбедивме од страна на Владата на Република Северна Македонија во рамки на Програмата ТАВ за поддршка на инфраструктурни проекти. Со овие средства ќе се изврши целосна реконструкција на тротоарите и коловозот, а за поставување на нова атмосферска канализација се обезбедени средства од буџетот на Општина Охрид.
Ние имаме детали за се што ви ветуваме почитувани граѓани, имаме одговор на секое прашање со факти и аргументи, за разлика од опозицијата која нема дефинирано ниту детали и се крие зад банални и паушални обвинувања. Ние сме сериозно посветени на проектите и постапките за подобри услови за живот, затоа сме убедени дека на 17-ти октомври ќе го изберете најдоброто.
На 17-ти октомври да го заокружиме бројот 12 и заедно да се одлучиме за уште една голема победа за Охрид и за неговиот развој.
Ви благодарам