„Референдумот за независност, Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот и Договорот за добрососедство се темелите на државата и кој е против нив тој е против државата. За сите нас кои сакаат држава со општествена кохезија, со рамноправност, добри меѓусоседски односи, интегрирани во НАТО и ЕУ, овие моменти во нашата тридеценска историја се нашата црвена линија и враќање назад од тој пат нема“ кажа заменик-премиерот Артан Груби на свечената владина седница по повод 30 години независност.
Тој потенцираше дека егизстенцијалните и суштински предизвици во овие три децении ги надминавме со храброста на политичките лидери и волјата на граѓаните.
„Затоа сега имаме заедничко дејствување во функција на зголемување на животниот стандард, во борбата против корупцијата и организираниот криминал, за неселективна правда, за економски развој, квалитетно здравје и образование и исполнување на мисијата на нашата генерација за членство во ЕУ“ кажа Груби.
Тој додаде дека изминатите 30 години не научија дека кога заедно ја градиме иднината, врз основа на меѓусебно почитување и рамноправност, почитувајќи ги вредностите, разликите и диверзитетот како можност, а не пречка ништо не е невозможно.
На крајот од своето обраќање заменик-премиерот Груби порача дека заедно сме посилни и на сите граѓани на Северна Македонија го честиташе јубилејот по повод 30 години од државноста.