Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, денеска во Општина Сопиште направи увид во градежните работи на новиот објект при ЈОУГД „Виножито“, втор објект за згрижување на деца од предучилишна возраст во оваа општина.
„Новата градинка има капацитет да згрижи 57 деца кои ќе бидат организирани во три групи, две за деца од 2-6 години, а третата група e за јасли. Министерството за труд и социјална политика за нејзината изградба и опремување од својот Буџет издвои околу 21 милиони денари. Согласно, направениот увид на терен градежните работи се во завршна фаза, во моментот се привршува внатрешното уредување, а истовремено се работи и на уредување на дворот“, истакна Шахпаска.
Според темпото на движење на работните активности, детската градинка во Општина Сопиште треба да биде завршена за најмногу еден месец.
„За нас секое дете е важно, бидејќи колку порано влезе во воспитно образовниот процес, толку поподготвено ќе влезе и во образовниот процес. Заложбата на Министерството и Владата е да изградиме градинки во сите делови на државата и до завршување на мандатот до 2024 година 60 % од децата од предучилишна возраст, да бидат сместени во градинки. До сега во употреба пуштивме 14 градинки, а до крајот на годината ќе бидат отворени уште 11 нови објекти, еден од нив е и оваа градинка“, рече Шахпаска.
Новата градинка во Општина Сопиште е самостоен проект на Министерството за труд и социјална политика како дел од Програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за 2020 година.