22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Николовски: Со Новата Стратегија за зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот ги зајакнуваме институционалните капацитети за водење финансиските истраги и конфискација на имот

Новата Стратегија за зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот предвидува потикнување на проактивноста на институциите вклучени во финансиските истраги, со што се овозможува водење на финансиска истрага паралелно со криминалистичката истрага, потенцираше заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, на денешната промоција на Стратегијата.

„Ова е чекор напред во мобилизацијата на општествените ресурси, надградба на државниот систем и градење на посилни капацитети, кои се дел од виталните реформи за подигнување на јавната свест. Ова е чекор за враќање на довербата во функционалноста на институциите за борба против високата корупција и организираниот криминал.Со активностите од новата Национална Стратегија, се елиминираат ризиците од прикривање, распродажба или изнесување на противправно стекнатиот имот надвор од државата“, рече вицеремиерот Николовски.
При тоа Николовски посочи, дека дел од мерките во владиниот План за борба против корупција, се значајни за ефикасна имплементација на активностите од Националната Стратегија.
„Една од клучните мерки во Планот е дигитализацијата на процесите, односно поврзувањето на надлежните институции на платформата за Интероперабилност, со која се зајакнува оперативноста на институциите, нивната електронска поврзаност и навремената размена на податоци. Сите седум клучни антикорупциски надлежни институции се веќе поврзани на Интероперабилноста и веќе започнуваат со размена на информации и податоци преку оваа платформа. Во следната фаза, следува и поврзување на овие институции со Централниот регистар на население, со цел брзи и ефикасни постапки, изјави вицепремиерот Николовски додавајќи дека Владата согласно Планот за борба против корупција, донесе одлука за зајакнување на капацитетите на јавните обвинителства во државата, а паралелно, водејќи се од принципите на заштита на националниот имот, како и на државниот буџет, во фаза на подготовка е и предлог Закон за потекло на имот, нешто што за прв пат го добива нашата држава.

На денешната промоција на новата Стратегија за зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот, учествуваа и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески, директорката на Управа за јавни приходи Сања Лукаревска и директорот на Управа за финансиска полиција Арафат Муареми.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ги презентираше надлежностите на МВР поврзани со активностите што произлегуваат од новата Национална Стратегија, и посочи дека имплементацијата на наведената стратегија ќе придонесе кривичните истраги да резултираат со поголема конфискација на имот и имотна корист, со што ќе се зајакне и ефикасноста во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, изјави дека Стратегијата и Акцискиот план се важен исчекор во борбата против криминалот и се очекува да придонесат за зајакнување на координацијата помеѓу надлежните институции за водење на финансиските истраги.
Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска појасни дека УЈП како неопходен орган во алката на спроведувањето на финансиските истраги ќе биде дел од Националната комисија за следење на имплементацијата на Стратегијата и Акциските планови, како и дел од мулти-агенциски тимови кои ќе вршат координирана заедничка работа на сложени предмети со претставници од повеќе институции координирани од ОЈО.
Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми, изјави дека Управата е доста активна во преземањето на дејствија во врска со финансиските истраги без оглед дали се работи за спроведени финансиски истраги по сопствена иницијатива, или по барање на надлежно Јавно обвинителство или други институции кои посочуваат постоење на основи на симневање за сторено кривично дело.