„Можам да најавам дека првите дваесетина кандидати за градоначалници СДСМ ќе ги објави на почетокот на јули по седница на раководството на партијата на 13 јули“, информира генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски, на брифинг со новинарите. Тој додаде дека досега се завршени истражувања, анкети и анализи за кандидати за градоначалници за над дваесет општини.
– Ние сме фаворити во сите општини, но нема да ги чекаме сите анализи и истражувања за сите општини, ќе ги објавиме првите што ќе финишираат, за да знаат граѓаните. Очекуваме за некои десет дена да финишираат уште постапките во самите општински организации, вели Николовски.
Според него досега има 562 кандидати за градоначалници и 4.530 кандидати за советници, а самиот број покажува дека овој голем интерес е поради тоа што СДСМ е фаворит на изборите.
-Анкетите наши велат дека СДСМ е фаворит на изборите, имаме поголем рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ и на ниво на лидери и на ниво на партии. Ако на тоа се додаде коалицискиот капацитет на СДСМ јасно е дека СДСМ е победник на изборите, додаде Николовски.
Тој истакна дека до крајот на август очекува да ги завршат сите постапки, сите истражувања, сите анализи за сите општини и да ги донесат одлуките за сите кандидати за градоначалници. Последни, рече Николовски, ќе бидат објавени кандидатите за градоначалници каде СДСМ со сигурност знае дека ќе победи, како Струмица, Штип, Крива Паланка, Центар и други.