Образлагајќи ги аргументите за ребаланс на Буџетот за 2021 година заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски потсети на државната помош што преку различни економски мерки продолжи во 2021 година, како преку мерките кои беа преземени претходната година и продолжија да се реализираат во текот на оваа година, така и преку нови мерки, вклучително и најавените кредитни линии за поддршка на претпријатијата, со цел ублажување на ефектите на пандемијата врз најзагрозените и поддршка на економијата за нејзино побрзо заздравување.
„Глобалната економија во 2021 година се очекува да продолжи да биде под влијание на ефектите од пандемијата на коронавирус. Сепак, по економската контракција во 2020 година каква што историски не се памети поради нејзината природа и брзина на распространување, во 2021 година се очекува опоравување на глобалната економија, кое во голема мера ќе зависи од дополнителната фискална поддршка во големите економии, како и од брзината на вакцинацијата во текот на годината. Во 2021 година, глобалната економска активност се очекува да забележи раст од 6%, согласно последните проекции на ММФ, а економскиот раст на ЕУ е проектиран на 4,4%, по падот од 6,1% во изминатата година, рече Ковачевски.
Оттука, според Ковачевски се очекува постепено стабилизирање на глобалните синџири за снабдување и раст на странската побарувачка. Ваквите очекувања, придружени со намалените притисоци од пандемијата во глобални рамки, во услови на интензивирање на процесот на вакцинација, се очекува да влијаат поволно врз домашните економски текови.
„По падот во 2020 година, економијата се очекува да заздрави во 2021 година, при што растот е проектиран на 4,1%, колку што изнесуваше и со првичниот Буџет, но со одредено приспособување во однос на структурата на растот, односно поголем позитивен придонес на домашната побарувачка, при нагорна ревизија на проекциите за раст на потрошувачката и инвестициите, но и поголем негативен придонес на нето-извозот врз економскиот раст“.
Фискалната консолидација и редизајнирањето на буџетската политика во наредниот период, вели заменик министерот за финансии, претставуваат клучни елементи на фискалната политика за поддршка на макроекономската стабилност, забрзување на економскиот раст, а со тоа и зајакнување на потенцијалот за раст на домашната економија.