Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, заедно со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Анке Холштајн денес на Клиниката за Ортопедија при ТОАРИЛУЦ го пуштија во употреба новиот лабораториски фрижидер за презервација на коски и коскени ткива. Фрижидерот чија вредност е 414.156,00 денари е добиен преку програмата Мали Проекти на Амбасадата и ќе биде дел од Банката за коскени ткива на Одделот за трансплантација на Клиниката за Ортопедија.
– Оваа донација е особено важна за нас поради тоа што годинава за прв пат се направи експлантација на коскени ткива од починат донор и благодарение на тоа на млада пациентка со карцином, дел од малигното ткиво и коска и беше заменето со здраво ткиво и коска од починатиот донор. Покрај трансплантацијата на бубрези кои со години се работат, минатата година започнавме со трансплантација на срце, а годинава за прв пат се експлантираа и коски и коскени ткива. Трансплантациите за овие групи на болни се единствена шанса за живот и за значајно подобрување на квалитетот на живот. Мило ми што Германската амбасада и амбасадорката Холштајн ја препознаваат нашата заложба за постојано подобрување на здравствениот систем и се наши парнери во неколку значајни проекти – изјави министерот Филипче.
Од почетокот на пандемијата со вирусот на Ковид 19 до сега Германската амбсада преку проекти и директни донации има донирано 1.450.00,00 евра.
– Му честитаме на македонскиот медицински персонал, националниот координатор за трансплантација на органи и неговиот стручен тим за првите трансплантации на срце од минатата година па наваму, како и првата експлантација на коскени ткива од починат донор, со што беа спасени повеќе скапоцени човечки животи – изјави амбасадорката на Сојузна Република Германија, Анке Холштајн.
На Клиниката за Ортопедија покрај Министерот за здравство и Амбасадорката, беа присутни и Националниот координатор за трансплантација на органи и ткива, д-р Маја Мојосова Мијовска како и директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ д- р Александар Трајановски.
Банката за коскени ткива на Клиниката за Ортопедија беше возобновена пред година и пол со што за прв пат до сега се создадоа услови за отпочнување на трансплантација на коски од починат донор.
– Она што беше само идеа во делот на проширување на Програмата за трансплантација пред две години, денес е реалност. Со мали но сигурни чекори ја внесуваме мултиоргната трансплантација во здравствениот систем во земјава и со тоа отвараме едно нови поле. За лекарите тоа е поле за нови предизвици, за пациентите тоа е надеж за живот- изјави др Мојсова Мијовска.
Првата експлантација на коскени ткива се случи во април годинава и веќе имавме еден реципент на кој беше направена трансплантацијата, а во план се уште неколку за престојниот период.
– Трансплантацијата на коскено ткиво ќе даде надеж за подобар квалитет на живот на многу пациенти. Toa се пациенти со малигни заболувања, спортски повреди, дефекти на коски. Стручниот колегиум на клиниката веќе прави подготовни за следните пациенти кои имаат индикации за трансплантација на коскено ткиво- вели Др Трајановски.