Угостителите повторно се најдоа во фокусот на владината помош за справување со последиците од коронакризата. Вкупно 5,77 милиони евра изнесува директната финансиска помош од шестиот економски пакет, која ќе ја користат нешто над две илјади компании од угостителската дејност.
Мерката важи за сите оние коишто беа затворени во периодот од 6-ти до 27-ми април, или вкупно 21 ден, за време на забраната за работа како мерка за спречување на ширењето на КОВИД-19. Од Владата информираа дека од 2.406 пристигнати апликации, пристап до помошта нема да имаат единствено 202 апликанти, кои не биле регистрирани со соодветна шифра на дејност.
Со оваа мерка на сите угостителски објекти ќе им бидат покриени 30% од приходите, износ кој ќе се пресметува како просек од просечниот месечен приход во 2019 и 2020 година, за деновите во кои овие дејности беа затворени.
– Дополнително, сите регистрирани угостителски објекти ќе добијат 15.200 денари финансиска поддршка по вработен, заклучно со 06.04.2021 година. Со оваа мерка ќе бидат поддржани околу 6.000 угостителски објекти кои вработуваат 17.000 луѓе, проценета вредност на мерката е 9,9 милиони евра, изјави претходно вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Во шестиот пакет мерки предвидени се и 2,5 милиони евра со кои ќе се поддржат рестораните за свадби, евент индустријата, игротеките, ноќните клубови, приватните детски одморалишта, фитнес центри, фотографи и фотографски студија.
Сепак, овие последни мерки од шестиот пакет само се надополнуваат на помошта која им се пружа на угостителите уште од април минатата година, преку субвенциите на придонеси по вработен во висина до 50% од просечна плата исплатена во 2019 година. Воедно, угостителскиот бизнис не беше исклучен ниту од мерките за репрограмирање на долгови и пролонгирање на исплатите кон банките и штедилниците.
Финансиска поддршка досега добија и сите регистрирани и ресторани за свадби, во вкупна вредност од 1 милион евра, а грантовите одделно се движеа во висина од 3.000 до 10.000 евра. Но, можеби една од најзначајните мерки за рестораните и кафулињата е намалувањето на данокот за ресторантски услуги и служење на храна и пијалоци од 18 на 10%, со вкупна вредност од осум милиони евра.
Од особено значење за угостителите беше и петтиот економски пакет мерки, за работата на претпријатијата и за зачувување на работните места, чија цел беше да се одржи економијата жива и витална, а според премиерот Зоран Заев, Владата успеала да ги одржи активни и ликвидни сите погодени дејности.