24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАЛОКАЛНОТОП ВЕСТИ

Шилегов за ТВ24: Што треба да направи општина Центар за руглото спроти Холидеј Ин?

На гостувањето во емисијата „Студио 10“ на Телевизија 24, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов предложи насоки за решение на проблемите и конфликтите во врска со градежната парцела спроти Холидеј Ин.

Според Шилегов, решението на проблемите е многу едноставно: „Секаде каде што во било која градска четврт е определен ДУП и има пречекорување во параметрите коишто се дадени во ГУП-от, било кој, било кој ако утврди пречекорување, може да побара од надлежната општина, во случајот Центар, да комисијата да состави елаборат за пречекорувања, и таквиот елаборат да го достави до Министерството за транспорт за време на суспензија на тој дел од ДУП-от.

Според Шилегов, тука е решението: „Доколку има пречекорување со ова што се нуди сега кај Холидеј ин, било кој може да поднесе барање до општина Центар, да се изработи тој елаборат и да се суспендира ДУП-от до носење нов ДУП. Таа суспензија може да трае шест месеци, што значи, општината тие параметри кои се предвидени во тие шест месеци треба да ги поправи.“

Шилегов ги охрабри сите засегнати да го искористат овој механизам, укажувајќи дека проблемот немаше да постои ако беа навреме ускладени ДУП-овите со ГУП-от:

„Јас сметам дека мораше општина Центар да оди побргу со мораториумот. Кога ќе прогласите мораториум, тоа е вонредна состојба, и во таа вонредна состојба требаше да се формираат повеќе екипи кои што ќе ги ускладат Деталните урбанистички планови со Генералниот урбанистички план, и да беа донесени ќе го немавме овој проблем.“

Градоначалникот Шилегов истакна дека процедура постои, и таа е јасна: „Ако тие згради се надвор од параметрите на ГУП-от треба да се направи елаборат дека се надвор од параметрите на ГУП-от и да се поднесе барање за суспензија на тој Детален урбанистички план во тој дел…“

Шилегов, исто така, укажа дека не е нормално во центарот на градот да имаме ругло, луѓе што живеат со децении без канализација, и дека треба да се ставиме и во позиција на луѓето кои што живеат таму:

„Она што мене ми смета како Скопјанец е тоа што е дека во центарот на градот имаме ругло. Во моментот тоа е ругло. Тоа треба некако да се реши. Сега, од оваа позиција што ја имам, да го дадам своето мислење, мислам дека не е во ред да јас кажам што таму би требало да има… Треба барем малку да се ставиме и во позицијата на луѓето кои што живеат таму. Тие луѓе имаат 40-50 години забрани да направат било што на своите објекти. Таму во центар на Скопје вие имате локации кои што немаат канализација. И тоа за мене не е нормално.“
Според градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, тој простор треба да се облагороди со промена до која ќе се дојде заеднички, во еден демократски процес: „Значи, ние треба да го облагородиме просторот. Просторот треба да доживее промена, трансформација. Меѓутоа, каква таа ќе биде можеме да дојдеме заеднички во тој процес.“