25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Филипче: В недела пристигнуваат 24.000 вакцини од „Астра зенека“

Оваа недела, 28 март, во 7.55 часот, во Скопје пристига првата пратка од 24.000 вакцини на „Астра зенека“ преку системот „Ковакс“, најави министерот за здравство, Венко Филипче, на социјалните мрежи.

Според најавите од Светската здравствена организација (СЗО), Македонија треба да добие вкупно 100.800 вакцини на „Астра зенека“ преку механизмот„Ковакс“.

Земјава сѐ уште ја нема почнато масовната имунизација на населението поради лимитираните количества вакцини што пристигнаа во изминатиот период. Со пратката од 8.000 вакцини од производителот „Фајзер“, кои Македонија ги доби од Србија, се вакцинираат здравствените работници, кои се во првите редови во борбата против Ковид-19.

Властите нарачаа и 200.000 вакцини од руската вакцина „Спутник В“, а на почетокот на месецов на скопскиот аеродром беше извршена испорака на 3.000 дози за исто толку граѓани. Притоа беше најавено дека за ревакцинацијата ќе стигне нова пратка.

Со пратката од „Ковакс“, според владиниот план за вакцинација, треба да биде почната втората фаза, во која, според најавите од здравствените власти, ќе се имунизираат луѓето постари од 65 години, лица од 18 до 64 години со коморбидитети или здравствени состојби детерминирани како значително висок ризик за стекнување на тешка болест, здравствени работници од институтите и центрите за јавно здравје, фармацевти, стоматолози и друг здравствен персонал, вработени во витални институции како полиција, војска, парламент, Влада, новинари, како и вработените во образовни институции и градинки со предност на оние кои одат со физичко присуство на работа.