Почнува реализацијата на петтиот пакет економски мерки креиран од Владата предводена од СДСМ наменет за граѓаните, за подобрување на ликвидноста на стопанството, за стабилна и развојна македонска економија, кој треба да ги врати стапките на раст меѓу 4 и 5 %, како во времето пред пандемијата.
„Петтиот пакет-мерки, донесен со инклузивен пристап со сите засегнати страни, содржи 29 мерки, во вредност од 160 милиони евра. Мерките се распределени во 4 главни столбови, и тоа: директна финансиска поддршка за компаниите за да се задржат работните места во секторите туризам, занаетчиство, угостителство, транспорт, индустрија за организација на настани; финансиска поддршка за ликвидноста на приватниот сектор преку бескаматни кредити за задржување и зголемување на бројот на работници; креирање поповолно деловно опкружување со системско редефинирање на царинскиот тарифник, намалување на парафискалните давачки, даночно олеснување и одложување кај неколку јавни давачки; и четвртиот столб предвидува директна поддршка за граѓаните“, соопшти СДСМ.
Според партијата, овие мерки ќе ја раздвижат економијата, но и ќе ги сочуваат работните места. За финансиска поддршка на плати за вработените се наменети 1 милијарда и деветстотини и дваесет милиони денари со опфат од речиси 60.000 работници месечно.
„Од почетокот на пандемијата Владата предводена од СДСМ креира и реализира четири пакети навремени и таргетирани економски мерки, со кои 1,2 милијарда евра завршија кај граѓаните и кај компаниите погодени од кризата. Како одговорна партија СДСМ продолжува со вистинска грижа за граѓаните, за работниците, за компаниите, за економијата“, се вели во соопштението.