Centar.mk
СВЕТ

Невреме го парализира источниот брег на САД: поплави, силен ветер и откажани летови

Силна бура ја погоди источниот брег на САД, носејќи обилен дожд, силен ветер и поплави. Невремето веќе го наруши авионскиот сообраќај, а се одложуваат и откажуваат спортски натпревари и големи концерти.

На удар се Њујорк, Њу Џерси, Масачусетс, Конектикат и Род Ајленд, а метеоролозите предупредуваат дека невремето би можело дополнително да зајакне во текот на викендот.

Станува збор за таканаречен нор’истер – силен циклон карактеристичен за источниот брег на САД, кој носи обилни врнежи, силен ветер и високи бранови.

Последиците веќе се чувствуваат во Северна Каролина и долж средноатлантскиот брег, каде што се регистрирани силни удари на ветер, поплави за време на плима и ерозија на плажите.

Најтешки услови се очекуваат на североистокот на земјата.

Во областа на Бостон се очекуваат меѓу 76 и 127 милиметри дожд, додека во Портланд, во сојузната држава Мејн, прогнозите се за 50 до 100 милиметри врнежи.

Во Њујорк веќе се издадени предупредувања, а гувернерката Кети Хокул прогласи вонредна состојба за градот Њујорк, округот Вестчестер и делови од Лонг Ајленд.

Откажани натпревари и концерти

Невремето ги наруши и планираните настани долж источниот брег.

Одложени се неколку натпревари од американската бејзбол-лига, меѓу кои и мечеви на Њујорк Јенкис, Чикаго Кабс, Бостон Ред Сокс и Балтимор Ориолс.

Откажан е и фестивалот „Глоубал Ситизен“, кој требаше да се одржи во Централ парк во Њујорк. Според американските медиуми, ова е првпат во 14-годишната историја на фестивалот да биде откажан поради временски услови.

Откажан е и фестивалот „Ол тингс гоу“ во Њујорк, како и концертите на Ед Ширан во Масачусетс. Невремето го наруши и фестивалот „Оушнс Колинг“ во Мериленд, додека концертот на „Еј-Си/Ди-Си“ на стадионот „МетЛајф“ е одложен.

Проблеми и во авионскиот сообраќај

„Американ ерлајнс“, „ЏетБлу“, „Јунајтед ерлајнс“, „Делта ерлајнс“ и „Саутвест“ ги предупредија патниците дека во текот на викендот се можни промени и откажувања на летовите.

Некои авиокомпании им овозможија на патниците и бесплатно да ги променат резервациите.

Најсилниот дел од невремето се очекува во текот на сабота.

Во Бостон и крајбрежните делови на Масачусетс се очекуваат поплавени патишта и ветрови со брзина од 80 до речиси 100 километри на час.

На Лонг Ајленд се очекуваат силни ветрови и високи бранови, додека долж брегот на Њу Џерси и во областа Аутер Бенкс брановите би можеле да достигнат од 4,5 до 5,5 метри.

Метеоролозите предупредуваат и на нова ерозија на плажите и крајбрежни поплави. Бурата би можела да се движи побавно во текот на неделата, што дополнително би го зголемило ризикот од поплави во одделни подрачја./Извор:Makfax