Од 43-та седница на Владата: Усвоена Стратегијата за тутун 2021-2027; Започнува постапката за финансиска поддршка на регионалните системи за управување со отпад; Приоритети на Програмата за работа на Агенцијата за енергетика се енергетската ефикасност и поголема застапеност на обновливите извори во производството на енергија.
Владата на Република Северна Македонија на денешната 43 редовна седница ја разгледа и усвои Стратегијата за производство на тутун за период 2021-2027 година, со акционен план.
Меѓу целите на седумгодишната стратегија за производство на тутун како посебно се издвоени: државната помош на земјоделските стопанства кои се занимаваат со тутунско производство; поддршката на доходот на земјоделските стопанства; политиките за рамномерен и одржлив развој во тутунопроизводните региони; и поддршката за формирање на организации на производители.
На оваа своја седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за потребните средства за воспоставување на регионален систем за управување со отпад во Југоисточниот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Југозападниот и Полошкиот регион и ги задолжи Министерството за финансии во соработка Министерството за животна средина и просторно планирање да започнат постапка за обезбедување на заем од меѓународни финансиски организации за воспоставување на регионални системи за управување со отпад во овие региони.
На денешната седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за состојбата на Хидросистемот „Дојранско Езеро“, вклучително со информацијата за можноста хидросистемот да се пренесе на управување на институција што ќе може да го управува на технички и економски одржлив начин.
Со заклучок на Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање е задолжено, во соработка со ЈП Колекторски системи Скопје, да подготват рекапитулар на капитални и оперативни трошоци за санација и работење на Хидросистемот „Дојранско Езеро“ и да го достават до Владата на РСМ до крајот на февруари 2021 година, за да се утврдат неопходните чекори за санација на Хидросистемот “Дојранско Езеро“.
Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за преземените активности за редовно користење на Системот за собирање и обработка на статистички податоци за превенција и репресија на корупција и перење пари, и ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Министерството за внатрешни работи-Биро за јавна безбедност, Министерството за финансии-Управа за финансиска полиција, Министерството за финансии – Царинска управа, Министерството за финансии – Управа за јавни приходи и Министерството за финансии – Управа за финансиско разузнавање, најдоцна до 1 март 2021 година, во веб-апликацијата „Систем за собирање и обработка на статистички податоци за превенција и репресија на корупција и перење пари“, да ги внесат односно ажурираат внесените податоци за сите кривични пријави односно извештаи за случаи на корупција и перење пари доставени до основните јавни обвинителства во периодот јануари 2019 година – декември 2020 година, за целосен увид во статистички податоци за превенција и репресија на корупција и перење пари.
На оваа седница Владата донесе одлука за давање согласност на Програмата за работа на Агенцијата за енергетика на Република Северна Македонија за 2021 година, донесена од Управниот одбор на агенцијата, според која во текот на оваа година ова тело ќе го поддржува спроведувањето на енергетската политика на Владата преку учество во подготовка на енергетски стратегии, развојни планови и програми за поттикнување на енергетската ефикасност и за создавање услови за поголемо користење на обновливи извори на енергија.
Со почит,