25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

(Видео) Мицкоски бара електронски попис или негово одложување

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, апелира до Владата или да прифати електронски попис или да го одложи за следната пролет.

Тој рече дека ќе побараат да биде укинат законот за попис, кој, според него, бил донесен без консензус и без елементарно почитување на здравјето на граѓаните во услови на тешка пандемија.

„Денеска, практично, ја почнуваме иницијативата формално со која ќе го доставиме и законот во рамките на Собранието до спикерот на парламентот, со што ќе побараме да биде укинат законот за попис, кој беше донесен без консензус и без, би рекол, елементарно почитување на здравјето на граѓаните во услови на тешка пандемија кога, за жал, властите не успеваат да се снајдат со неа, а Македонија е закована убедливо на дното или на врвот, како сакате наречете го тоа, по бројот на лицата што се инфицирани и по бројот на луѓето кои, за жал, го загубија животот поради неспособноста на власта“, изјави Мицкоски.

Лидерот на опозициската партија додаде дека кај нас пописот е невозможно да се одржи есента 2021 година поради локалните избори и кампањата која тогаш ќе се биде и апелира до Владата и до Собранието на разум и одложување на пописот за пролетта 2022 година.

„Гледаме дека воопшто не се ни направени пописните тимови ниту, пак, обучувачите на тие пописни тимови имајќи ги предвид пандемските услови во кои државата се наоѓа и невозможно е тие да бидат обучени, а притоа да биде заштитено практично здравјето на тие луѓе што ќе бидат дел од овие пописни тимови“, рече Мицкоски.