25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Кузеска: Следната година ќе има попис

Попис на населението е исклучително важен за развојот на државата и тој ќе се одржи во април 2021 година, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

„Со предлог-законот за попис, кој е во собраниска процедура, овозможуваме спроведување на пописот според највисоките меѓународни стандарди на ЕУ, статистичка операција која ќе ја реализира Државниот завод за статистика. Со предлог-законот за попис, имаме за цел оваа статистичка операција повеќе никогаш да не се третира како политичко прашање, туку како оперативно-статистичко“, рече таа.

Според Кузеска, пописот нема и не смее да зависи од волјата на политичките партии и лидери.

„Видовме што значи тој пристап кога ВМРО-ДПМНЕ организираше попис во 2011 година кој пропадна, а со него пропаднаа и парите на граѓаните. И денес како опозиција ВМРО-ДПМНЕ прави сè пописот да не биде одржан. ВМРО-ДПМНЕ во Собранието продолжува да се однесува деструктивно и неодговорно. Со илјадници амандмани ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата во Собранието ги кочат дополнувањата на Деловникот кои имаат за цел да обезбедат работа од далечина на пратениците кои се во изолација поради Ковид-19. Со стотици амандмани ги кочат измените на Законот за здравствена заштита и Законот за внатрешни работи“, рече Кузеска.

Таа кажа дека СДСМ преку парламентарното мнозинство во Собранието е подготвена во собраниската процедура да бидат разгледани поднесените амандмани од опозицијата со цел, како што кажа, да се обезбеди уште поквалитетно законско решение.

„Со усвојувањето на предлог-законот, Република Северна Македонија во 2021 година, за првпат по 19 години ќе спроведе попис на населението. Оваа операција не смее да се политизира ниту да се одложува“, рече Кузеска.