„Во делот на Коридорот 8 ние имаме направено пет пати, а може и десет пати повеќе од Бугарија. Ние тоа го правиме во континуитет, а таа страна не гледаме ништо. Во делот со говорот на омраза не е само контролата на медиумите, таму има една поширока формулација која ја повторуваат- дека 30 години постои говор на омраза кај нас против нив. Не личи воопшто на вицепремиер како каракачанов да користи таков речник. Свесни се бугарските власти дека нашите политичари не одговараат на нивните провокации, и тоа не става во позиција да бидеме мудри и рационални, она што реално го имаме направено, а имаме направено многу, да и го пренесеме на јавноста. Токму тоа јас го изнесов и на моето гостување на бугарска телевизија.“- изјави Владо Бучковски, поранешен премиер, на вестите на Сител.
Тој изминативе денови ги поминал во Софија, па одблизу имал прилика да разговара за блокирањето на Бугарија.
„Бев во Бугарија од понеделникот до денеска и можам да кажам дека варираше расположението кај политичарите. Ако беа многу тврди на денот на носење на ветото, деновите потоа коментарите беа помеки. Зборуваа дека сепак вратата на ЕУ е отворена, па пак потоа имаше порадикални ставови. Очигледно е дека не кријат дека има преговори, дека македонската страна ќе остане посветена, медиумите ги пренесуваат коректно изјавите на премиерот Заев и министерот Османи. Сепак, да не сме патетични, ниту е време за патриотски говори. Да влеземе со тоа што го имаме сработено, најмогу за овој процес е заинтересирана Германија како најсилна членка во ЕУ, сојузништвото со САД ни оди во прилог… Приказната околу идентитетот и јазикот е завршена, темата е заедничката историја. Заев постојано потврдува дека имаме заедничка иссторија, тоа мораме дома да го отвориме, ама со искрена дебата.“- порача Бучковски.