Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека анализите покажуваат оти е намалена преносливоста на вирусот. R0 (ер нула) факторот на преносливост е намален од 1,5 на речиси 1, тоа значи дека еден човек при непосреден контакт заразувал 1,5 човек, а сега анализите покажуваат дека заразува помалку од 1.
Министерот изјави дека секојдневно се следат и се анализираат состојбите на терен, а доколку има простор и потреба, Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство ќе препорачаат и дополнителни рестриктивни мерки. Следна мерка, рече Филипче, би можела да биде полициски час.
Министерот изјави дека мерките даваат разултати, но предупреди дека вирусот е непредвидлив и во даден момент може да се влоши клиничката состојба кај пациентот, па да треба голем број пациенти да се хоспитализираат. Тоа, рече Филипче, значи огромен притисок врз здравствениот систем.
„Сè повеќе одделенија се пренаменуваат да третираат пациенти со Ковид-19. Многу веројатно е дека за кратко време тоа може да доведе до намалување на обемот на нормалната работа на одделенијата, редуцирање на термините преку системот ‘Мој термин’ како за прегледи така и за интервенции, дијагностички или оперативни. Сите се посветени на оваа работа – координаторите на интерните клиники, Инфективната клиника, во болниците сите одделенија практично и целокупниот кадар е посветен и по систем на ротација спремен да помогне во третман на ковид-пациентите, но тоа оди сè потешко“, изјави министерот.
За разлика од пролетта и летото, рече Филипче, во овој период од годината вирусот има силна локална трансмисија.
„Мерките што се во сила, иако ги даваат првичните резултати, сепак не може да се зборува за целосно елеминиран ризик во делот со хоспитализацијата и брзото пополнување на болничките капацитети, како и недостиг од медицински кадар“, рече Филипче.