Екипите на Град Скопје ја завршија реконструкцијата на улицата Лазар Личеноски кај скопското Кале, соопштија градските власти.
Улицата се реконструираше на потегот од СРЦ „Кале“ до крстосницата со булеварот Никола Карев, што претставува втора фаза од обновата на оваа значајна сообраќајница.
На оваа делница се изврши реконструкција на коловозот во должина од 1.300 метри, реконструкција и проширување на постојните тротоари, како и замена на оштетените рабници.
Исто така, градежните екипи деновиве ја завршија и реконструкцијата на улицата Востаничка во општината Кисела Вода, на потегот од улицата Црниче до улицата Свети Наум Охридски.
Во изминатиот период на оваа делница долга 1.100 метри беа обновени коловозот и рабниците, а беа реконструирани и тротоарите со замена на бекатон-плочките, но беа изработени и 76 нови приклучоци во водоводната мрежа за да се обезбеди континуирано и квалитетно водоснабдување.
„Во текот на денешниот ден ќе биде завршена реконструкцијата на коловозот на улицата Никола Карев кај Железничката станица, со што целосно ќе бидат завршени три скопски сообраќајници“, велат од Град Скопје.
Долж улицата освен реконструкцијата на асфалтот од коловозот во должина од 510 метри, реконструирани се и тротоарите, направена е нивелација на сливниците и атмосферските шахти, како и замена на оштетените рабници.
„Со пробивањето на улицата Есенинова, реконструкцијата на оваа сообраќајница, па преку улицата Беласица, Град Скопје прави поврзување на три општини Кисела Вода, Центар и Гази Баба, а патувањето на возилата од булевар Борис Трајковски до клучката Континентал се очекува да биде скратено за повеќе од 10 минути“, објаснуваат градските власти.