28. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Хелсиншкиот комитет: Газди им дале 50 отсто помала плата на мајки на деца до десетгодишна возраст

Една од родовосензитивните мерки за справување со пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19, кои ги донесе Владата, e ослободувањето од работни обврски на родителите што имаат деца до 10-годишна возраст. Навидум оваа мерка ја препознава поделеноста на правата и на обврските на родителите во рамките на домот и грижата за децата, но пријавите за прекршување на работничките права покажуваат дека оваа мерка во најголем дел ја користат мајките, велат од Хелсиншкиот комитет.

Ваквите податоци, додаваат од таму, повторно ги извадија на површина родовата нееднаквост во нашето општество и недоволната посветеност и работа на ова поле во периодот пред кризата.

„Податоците на Државниот инспекторат за труд покажуваат дека најчестите пријави за прекршување на мерките на Владата биле токму за оваа мерка, односно во 28 % од вкупните пријави поднесени до Инспекторатот. Работничките се соочувале со неослободување од работни обврски или со намалување на платите во случај на ослободување, а за работодавачите да успеат во својата цел, им се заканувале со откази и непродолжување на договорите за вработување. Таков случај изминатиов месец беше пријавен и во Хелсиншкиот комитет. Работничка вработена во текстилната индустрија нè информира дека како мајка на деца до 10-годишна возраст е ослободена од работни обврски по што платата за април и мај ѝ била незаконито намалена и изнесувала 50 % од целосната плата“, се наведува во извештајот на Хелсиншкиот комитет за човекови права за јули.

Во извештајот се заклучува дека вработените во текстилната индустрија во најголем дел се жени работнички, на кои платата не им е повисока од минималната плата.

„Оттука, некои од работничките, мајки на деца до 10-годишна возраст од оваа индустрија, додека се ослободени од работните обврски за време на кризната состојба, примаат плата во износ од 7.500,00 денари. Ваквата ситуација ја доведува оваа категорија работнички во нееднаква положба наспрема мажите работници. Имајќи предвид дека тие како жени го сносат најголемиот товар за извршување на обврските во рамките на домот и грижата за децата, па од тие причини и ја користат оваа владина мерка, тоа резултира и со незаконито намалување на нивните плати до износ што не е доволен да ги задоволи ниту основните егзистенцијални потреби на едно семејство“, пишува во извештајот.