23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Одбележување на “Илинден” под посебни мерки поради короната

Организациониот одбор за прослава на празникот при Владата на Република Северна Македонија, во координација со претседателот на Република Северна Македонија и Собранието на Република Северна Македонија за сите настани коишто традиционално се организираат по повод големиот празник, подготвува услови за спроведување на препораките од протоколот на Комисијата за заштита од заразни болести. Тие услови оваа година, заради пандемијата со КОВИД-19, ги опфаќаат бројот на учесниците, здравствено-безбедносната организација на местата каде што ќе се одржат свеченостите, транспортот и движењето до локациите и местата за посетителите и учесниците, со обезбедена дистанца и заштита.

За исполнување на препораките од протоколот оваа година содржините на програмите за одбележување се сведени на минимум, само со положување венци со свежо цвеќе на спомен-обележјата, со обраќања, но без традиционалната културно-уметничка програма и без масовни народни собири на граѓани на отворено и во угостителските објекти.

Во овие услови, оваа година, свеченостите по повод 2 Август ‒ Денот на Републиката (Илинден) 2020 со кои ќе бидат одбележани 76-годишнината од Првото заседание на АСНОМ и 117 години од Илинденското востание, ќе бидат со следниот распоред:

– Претседателот на државата Стево Пендаровски ќе се обрати на свеченоста во Меморијалниот центар во Пелинце;

– Претседателот на Собранието Талат Џафери ќе ги предводи настаните во Крушево, на Мечкин Kамен;

– Претседателот на Владата Оливер Спасовски ќе се обрати на свеченоста во Скопје.

И оваа година, како дел од официјалната програма за свечено одбележување на празникот се вклучени и содржините од Смилево со кои ќе се чествуваат 117 години од Илинден и 78 години од првата борбена акција на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“.

Целокупната програма за свечено одбележување на државниот празник 2 Август ‒ Денот на Републиката (Илинден) од Пелинце, Крушево и Скопје ќе ја пренесува во живо Националната радио-телевизија.