Владата донесе одлука да обезбеди поддршка за медиумите и медиумските работници кои се погодени од кризата која ја предизвика коронавирусот, но поддршката нема да ја добијат медиумите кои сакаат да вработат повеќе од тројца, но немаат финансиски услови за тоа бидејќи немаат доволно реклами, иако со посети се далеку помоќни од половина од интернет порталите кои имаат 3,5 или 10 вработени на неопределено време.
Вицепремиерот Бујар Османи, рекол дека донесена е одлука за државата да обезбеди 100% покривање на придонесите на плата за сите вработени во медиумските куќи, а тоа ќе трае исто колку што траела вонредната состојба. Со оглед на напливот на лажни вести, според Османи, на овој начин ќе им се даде поддршка на оние кои ги пренесуваат точните вести.
„По извршените консултации, ако сакате и преговори со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, денес можам да констатирам дека постигнавме пристојно решение за тоа како ние како Влада можеме да обезбедиме поддршка за медиумските работници кои заедно со нас ја водат битката против пандемијата. Донесовме одлука државата да обезбеди средства за 100% покривање на придонесите на плата на вработените во медиумите и медиумските куќи, вклучувајќи ги тука телевизиските и радиодифузерите, печатените медиуми како и електронските интернет портали. Времетраењето за кое ќе важи оваа одлука се изедначува со времетраењето на вонредната состојба, а започнува по нејзиното укинување. Задоволен сум што за реализација на оваа мерка, одредивме и неколку услови со кои се заштитуваат токму работниците“, рече Османи.
За да се искористи мерката од Владата има три услови, односно, медиумите кои ги намалиле платите на вработените во кризата да ги вратат на нивото пред почетокот на вонредната состојба, да немаат отпуштено ниту еден вработен поради кризата и да имаат најмалку тројца вработени на неопределено време.
Третиот услов за добар процент на професионални онлајн портали, кои ионака едвај преживуваат, е тежок и неприфатлив, со оглед дека го исполнуваат само неколку интернет медиуми, од кои добар процент имаат и грантови кои им даваат можност да вработат и повеќе луѓе.
Со ова медиумските компании кои имаат интернет портали, а работат професионално и имаат помалку вработени поради тоа што немаат приходи од реклами, иако имаат огромна посетеност се селектирани како неподобни за користење на помош, иако притоа и тие преку своите фирми плаќаат плата, придонеси и разни даноци за да ги оддржат фирмите во живот.