12.8 C
Скопје
10. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Премиерот Оливер Спасовски со честитка по повод денот на полицијата

Оваа година 7 мај – Денот на полицијата и безбедноста го одбележуваме во вонредна состојба заради здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот, напиша премиерот Оливер Спасовски.

– Улогата на полицијата во спроведување на одлуките и мерките на владината стратегија за запирање на ширењето на вирусот, е огромна и од исклучителна важност. Посебно охрабрува дека навистина сме ги донеле правилните одлуки, за што деновиве говорат и бројките на намалени случаи на заболени.

Особено сум горд што ова е успех и на воспоставените норми и концепт за Јавниот мир и безбедноста, како гаранција за заштита на човековите права и слободи.

Овој успех е резултат и на воспоставената силна институционална свест и структура како брана против сите тенденции на корумпирање на безбедноста и против ставање на полицијата во функција на злоупотребата и незаконито работење, како што беше до пред три години.

Во таа насока, еден сериозен и значаен дел од енергијата и мерките од реформите беа посветени примарно на генералното подобрување на материјално техничките услови за работа токму на оние од кои што зависи спроведувањето на правото и законите – а тоа е полицијата.

Во нивното реализирање се водевме од фактите дека интегритетот, опременоста и статусот на полицискиот службеник се императив без кој што е невозможно спроведување на каква било системска реформа во тој домен.

Дека постигнавме многу, најдобро сведочат домашните и меѓународните анализи и истражувања кои потврдуваат дека Република Северна Македонија воспоставува професионална и стручна полициска служба која што е определена да биде реален и доверлив сервис на граѓаните.

Затоа со право веруваме дека во наредниот период, ќе продолжиме да ги јакнеме севкупните капацитети на Министерството за внатрешни работи, за уште подобри резултати во работењето на сите организациони единици.

Нека ни е честит 7 мај – Денот на македонската полиција, напиша Спасовски.