„За разлика од Арсовски, јас прв пат во животот работам на страна од приватен сектор и тоа пробоно, ти земаш плата од парите од кои не сакавте да се откажете партиски да им помогнете на бизнисите“, реагира потпретседателот на СДСМ, Коста Петров на изјавата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Ова го правам затоа што сакам да и помогнам на државата во која решив да создавам сам за доброто на мојата ќерка и сега преку мојот политички ангажман за доброто на сите граѓани. Е да еден од тие успеси е и да направиш производ кој го гледаат скоро пола милијарди луѓе. Производ кој ги промовира македонските вредности, а стручно жири од цел континент вели дека е најдобро. Така што дете имаш уште многу леб за јадење и докажување пред да можеш моето име да го споменеш“, вели тој.
Претходно Арсовски,на новинарско прашање, да го прокоментира пресот на Петров, изјави дека „ова не е шоу бизнис на каков што сте навикнати и од каде доаѓате, не е ниту евровизија туку реален живот во кој што жиеват граѓаните на Република Македонија“.
„А, во тој живот, вашиот партиски шеф и вашата влада првите три месеци од годинава украдоа од буџетот 120 милиони евра за корумпирање мислејќи дека ќе има избори и го задолжи секое семејство за дополнителни 15 илјади денари.
Е сега во тој реален живот владее и трас-трас судство и корумпирано обвинителство кое го создаде и состави твојот лидер Зоран Заев.
СДСМ грчевито се бори за противправното земање на пари на рекетарското СЈО и од петни жили се труди рекетарската дружина на чело со Катица Јанева и нивните роднини вработени во администрацијата да земат награди од над 2 милиони евра во услови на корона пандемија.
Затоа ВМРО-ДПМНЕ поднесе преставка пред Уставниот суд и судот не може да донесе никаква поинаква одлука освен да го почитува правото како што налага. И Коста Петров и Зоран Заев треба да знаат дека се повеќе луѓе во државата се охрабруваат и се спротивставуваат на диктатот и лудилото на оваа власт на СДСМ која што за многу брзо ќе биде сменета“, посочи Арсовски.