24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: „Можеме“ е најголемата предизборна коалиција обединета околу европските вредности што водат напред

Интегрален текст од денешната изјава на претседателот на СДСМ, Зоран Заев

Денес, ние присутните политички партии се обединија во голема победничка коалиција „Можеме“.

Горди сме што коалицијата „Можеме“ е составена од претставници на сите етнички заедници: Македонци, Албанци, Роми, Срби, Турци, Власи, Бошњаци и Египќани, што поставува нов напредок, нов повисок стандард во политичкиот плурализам во нашата заедничка татковина.

Ова е најголемата коалиција моментално, составена од различни партии но сите обединети околу она што е важно за граѓаните и иднината на државата: членството во НАТО и ЕУ, поголем економски раст, поголеми плати и пензии, грижа за сите, правна и праведна држава со здрава и чиста животна средина.

Ова се теми кои се важни за сите граѓани без разлика на нивната етничка, верска или партиска припадност и затоа сите во коалицијата „Можеме“ сме насочени кон реализација на овие прашања.

Ние можеме! Уште подобро и уште повеќе!

Тоа го потврдивме и преку програмата која нуди реални, остварливи и квалитетни решенија за потребите на сите наши граѓаните.

Прв наш столб е економијата каде низ посветен, одговорен и чесен пристап предвидуваме отворање на 100.000 нови работни места. Тоа во голема мера ќе придонесе невработеноста од сегашните 16,6 проценти да се преполови и да падне под 8 проценти до крајот на новиот мандат во 2024 година.

Докажавме дека платите во сите сектори можат да растат постојано, но ќе покажеме дека можат да растат и повеќе и побрзо. 300 евра минимална и 600 евра просечна плата до крајот на мандатот е нашата понуда пред граѓаните на овие избори.

Покрај платите ќе растат и пензиите и тоа вкупно 21 отсто до 2024 година, а минималната пензија ќе порасне од сегашните 8.000 на 10.700 денари.

Сето ова е остварливо и реално затоа што и досега покажавме дека платите и пензиите можат да растат а невработеноста да опаѓа.

Покрај успесите на економски, остваривме значајни резултати и на меѓународен план. Влеговме во НАТО – можеме и во ЕУ, тоа еден од столбовите на кои ја темелиме нашата понуда.

Со членството во НАТО уште од оваа година имаме пристап до пазар вреден 4 милијарди евра годишно само по основ на НАТО , а со отворањето на преговорите со Унијата на располагање ќе ни бидат 2 милијарди евра, средства од европските фондови. Тоа се европски пари со кои ќе обезбедиме европски стандарди, тука во нашата татковина.

Наскоро започнуваме преговори со ЕУ, ја европеизираме Северна Македонија и го трансформираме општеството уште подобро.

Се обврзуваме до крајот на мандатот, до 2024 да ги отвориме 80% од поглавјата за интеграција во ЕУ и тоа ќе го сториме затоа што можеме и умееме.

Ова се почитувани клучните столбови зад кои застанаа различни политички партии, зад кои застанаа сите етнички заедници во коалицијата „Можеме“ и кои носат уште побрз и посилен напредок за сите.

Сите политички субјекти од оваа најголема предизборна коалиција на било кои предвремени или редовни парламентарни избори препознава важност државата да продолжи по вистинскиот пат и тоа ќе се случи.

Нема враќање назад, уште побрзо, уште посилно продолжуваме напред.

Со ваква понуда на Програма, надополнета со квалитетни персонални решенија, секому му е јасно дека сме победници на 12 април.

По победата продолжуваме на вистинскиот пат затоа што можеме уште повеќе, можеме уште подобро!