Град Скопје и за овој викенд најави засилени контроли за непрописно паркирање на Водно.
„За да се заштити планината Водно од загадување и за да се овозможи непречено и безбедно движење на сите учесници во сообраќајот, а особено на пешаците и на велосипедистите, градските инспектори и овој викенд ќе продолжат да вршат засилени контроли во однос на непрописното паркирање на јавни површини“, велат од Град Скопје.
Градските комунални редари изминатиот викенд на Водно изрекоа 76 казни за паркирање во зеленило.
Град Скопје воведе две нови автобуски линии – автобусот број 25А тргнува пред катната гаража „26 Јули“ на улицата Свети Кирил и Методиј, а автобусот број 25Б од паркингот кај Цветниот пазар (Дом на печатот). Овие две автобуски линии до Средно Водно се бесплатни за време на викендите и државните празници, а во овие денови бесплатно е и паркирањето во катната гаража на улицата Свети Кирил и Методиј и на паркингот кај Цветниот пазар (Дом на печатот).
Паркирањето на Средно Водно се наплаќа за време на државните празници и за викендите од 9 до 16 часот. Цената за првиот час паркирање изнесува 100 денари, а секој нареден час 50 денари.
Град Скопје им препорачува на граѓаните да ги остават автомобилите во катната гаража „26 Јули“ и на паркингот кај Цветниот пазар (Дом на печатот) и со автобус да се качат бесплатно на Водно.