25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Заев: Ќе има одговорност за сите за кои има докази дека сториле кривично дело, ВМРО-ДПМНЕ да престане со закани кон пратеници

Во Законот за јавно обвинителство никаде нема скриена амнестија, ги повикувам Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да кажат каде во законот постои амнестија, изјави претседателот на СДСМ Зоран Заев во одговор на новинарско прашање.

„Суштината на ова Законско решение е дали ќе се обезбеди двотретинско мнозинство за да ја осигура правната држава и правдата или ќе дозволи на бандитите или осомничените за незаконски дејствија да успеат. Деновиве, се прави терор, уценување, заканување, заплашување врз пратениците, заради тоа што криминалот ги наоѓа сите можни патишта да ја спречи правдата и правната држава. Затоа, да победиме со овој закон со двотретинско мнозинство и да си ја осигуриме правната држава. Никој не смее да биде однапред осуден, но мора да гарантираме дека таму кадешто има докази, постапките ќе продолжат, но тоа што се случува е вистинска драма. Десет пати е поголем притисокот од оној што беше за уставните промени. Да ги остават пратениците, затоа што тие се светост, тие се членови на највисокиот демократски орган во Република Северна Македонија. Ударот и заканите кон нив се удар кон Уставот и законите. Не се заканувам на никого но должност ми е и како граѓанин и како претседател на најголемата политичка партија да заштитувам во рамките на надлежностите, Уставот и законите во државата, истакна Заев додавајќи дека притисокот се врши од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, дел од нив пратеници и генерално, осомничени или веќе обвинети лица.

Одговарајќи на новинарско прашање околу непочитувањето на уставното име од страна на техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, претседателот Заев истакна дека очекува од Владата предводена од СДСМ да преземе конкретни чекори по кршењето на Уставот од страна на Мизрахи.

„Очекувам Владата предводена од СДСМ да преземе конкретни чекори како пример за почитување на Уставот и законите“, рече Заев.

Осврнувајќи се на темата за случајот во јавноста познат како Рекет, претседателот Заев посочи дека самите пораки докажуваат дека тој постапил и го пријавил случајот.

„Тие пораки се доказ за тоа каков човек сте. Без разлика дали некој имал провладин медиум, дали ме величал мене или ги поддржувал моите политики, ако се огрешил пред законот има да одговара, за разлика од минатото кога зборувавме за милијарди а никој не слушна дека поранешниот премиер пријавил некој случај. Премиерот треба да биде пример како треба да постапува правната држава“, заклучи Заев.