Хрватска организира евакуација на своите граѓани од Обединетите Арапски Емирати поради воената ескалација меѓу САД и Израел против Иран, соопшти Министерството за надворешни и европски работи.
Во среда и во наредните денови ќе бидат испратени четири авиони на „Кроација ерлајнс“ во Дубаи, со можност за дополнителни летови доколку има потреба. Дополнително, министерот за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман договорил со својот колега од ОАЕ, Абдула бин Зајед Ал Нахјан, ангажирање на уште два авиони од локална авиокомпанија за транспорт на хрватски државјани.
Во ОАЕ престојуваат околу 2.000 хрватски граѓани, од кои 300 побарале репатријација, како и 460 туристи кои сакаат да се вратат во Хрватска.
Министерството информира дека веќе е завршена евакуацијата на хрватските граѓани од Израел, Јордан и Бахреин, а наскоро се очекува пристигнување и на група аџии кои патуваат кон Загреб преку Лион.
Од Оман, каде што престојувале 23 хрватски државјани, 12 се веќе евакуирани преку Истанбул, додека останатите имаат можност да заминат кон Дубаи.
Амбасадата во Доха обезбедила и 30 места на лет на „Австрија“ од Ријад во четврток. Министерството ги повикува заинтересираните да се пријават што е можно поскоро, при што предност ќе имаат децата, болните лица, бремените жени и нивните семејства.
ПОПУЛАРНО НА ИНТЕРНЕТ...


