10.4 C
Скопје
5. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Денеска е голем ден, кој со светли букви ќе биде запишан во историјата на нашата држава – НАТО е нашата реалност

Прес-конференција, Зоран Заев, претседател на СДСМ – интегрален текст:

 

Почитувани граѓани, почитувани новинари, почитувани присутни,

Денеска е голем ден, кој со светли букви ќе биде запишан во историјата на нашата држава.

Денес стратешката определба станува реалност. Денес, визијата станува сегашност.

Пред пратениците се наоѓа предлогот за ратификација на Северноатланскиот Договор за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО Алијансата.

Членство со кое ја обезбедуваме иднината, стабилноста и безбедноста на нашата татковина, на сите наши граѓани.

После Декларацијата за независност на Република Македонија од 15 јануари 1991 година, денес пред пратениците во Собранието е најважниот документ од независноста до денеска.

Целиот наш народ, сите наши граѓани се горди на овој историски успех – Северна Македонија 30 – та земја членка на НАТО!

Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци, сите останати граѓани на нашата убава татковина.

Заедно сме, рамо до рамо со најсилните, најмоќните демократски држави во светот!

По години и децении патешествија, блокади, режим, стагнација, изолација, по години исцрпувачки преговори, конечно го отворивме патот до членство во НАТО.

Одлучивме проблемите да ги решаваме, наместо да ги криеме под тепихот, решивме да им пријдеме а не да бегаме од отворените прашања. И успеавме. Успеавме за сите наши граѓани.

По 26 години спор, постигнавме Договор кој го запечати нашиот македонски идентитет кој беше оспоруван. Македонци од Република Северна Македонија кои говорат македонски јазик и имаат своја македонска култура. Признаени од целиот свет.

НАТО не е само безбедност и сигурност. НАТО е многу повеќе инвестиции, пристап до нови пазари, нови работни места, сето тоа значи повеќе пари кај секој граѓанин.

Уште со Договорот од Преспа, и со Потпишувањето на Протоколот за пристапување од страна на членките на НАТО, почнаа да се чувствуваат економските придобивки, да растат инвестициите.

Платите ги зголемивме во сите сектори. За само 2,5 години минималната плата ја зголемивме за 60%. Просечната плата има историски најбрз и највисок раст. Економијата од -1.8% за само 2,5 години повторно расте и до 4%. Невработеноста ја намаливме на историски најниски 17,1 отсто, отворивме над 60.000 нови работни места. Тоа се само дел од придобивките од НАТО.

Затоа, ви благодарам почитувани граѓани за поддршката во изминатите 2,5 години.

Ви благодарам што го препознавате и го поддржувате концептот на решителност, напредок, градење пријателства, концептот што води кон сигурна и стабилна иднина во едно, заедничко општество за сите.

Им благодарам на сите пратеници од пратеничката група на СДСМ, на сите пратеници од другите партии кои беа свесни за историската одговорност која ја имаат, за храброста да носат одлуки кои ја менуваат иднината иако тоа го правеа во за нив исклучително тешки околности. Им симнувам капа!

Заедно направивме пресврт. Од овде, нашата татковина може само напред, никако назад. Нема враќање назад, одиме со крупни чекори напред.

Напред кон стабилност и безбедност, напред кон економски раст и развој. Напред кон правна држава и владеење на правото.

Најавите за враќање чекор назад се опасни, антизападни и антидржавни. Најавите за враќање назад се најави за враќање во времињата на изолација, на блокади, на ембарга и вета, на кавги со соседите, времиња на несигурност и неизвесност.

Нема шанси. Нашата држава предолго беше таму и затоа ние нема да дозволиме повторно да се враќаме назад во мрачното минато.

Тие еден чекор назад, ние три чекори напред! Нашето место е во ЕУ и НАТО!

Затоа, ги повикувам сите 120 пратеници во Собранието на Република Северна Македонија да бидат на висина на одговорноста што овој историски ден им ја носи.

Да се обединат околу она што значи остварување на една од двете стратешки цели поставени уште од независноста, од далечната 1991 година и денеска да го поддржат.

Се работи за иднината на сите наши деца. Овде не станува збор за политички партии туку за животот на луѓето, за сегашноста и за иднината.

Денес, Собранието не го ратификува само Северноатланскиот договор за пристапување во НАТО, денес Собранието ја ратификува сигурната и стабилна иднина на сегашните и идните генерации.

Почитувани граѓани,

Сите добро знаеме дека не беше лесно. Постигнавме договор со Грција и донесовме тешка одлука. 610.000 илјади од нас излегоа на референдум и заокружија ЗА.

Ниту една друга политичка идеја или опција не добила повеќе гласови во историјата од независноста до сега. Нашиот народ презеде големи чекори да надмине режим и изолација, и после тоа да се исправи гордо како пријател на своите соседи.

Еве, денес во Собранието, верификуваме дека ВРЕДЕШЕ.

Народе мој, сега зависи само од нас!

Ве повикувам, со крупни чекори да продолжиме по патот напред, да го забрзаме развојот, да го трансформираме општеството, да ја кренеме македонската економија и да си направиме способна држава.

Никој не ни стои на патот, од нас зависи! Ние заедно, можеме многу повеќе! Продолжуваме напред!

Спонзорирано: