24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Министерство за здравство: Зголемена достапноста на лекови за пациентите со мултипла склероза

Три пати е зголемена достапноста на високоефикасни лекови за пациентите со мултипла склероза, информираат од Министерството за здравство од каде велат дека во соработка со граѓанските здруженија посветено работат за унапредување на грижата за пациентите со оваа болест.

„Во 2019 година повеќекратко е зголемен бројот на пациенти кои се на третман со иновативната терапија Ocrelizumab, и тоа од 9 пациенти кои минатата година беа на третман со оваа терапија, сега истата ја примаат вкупно 43 пациенти со оваа дијагноза. Лековите за мултипла склероза се достапни за сè поголем број пациенти“, информираат од Министерството.

Моментално се лекуваат 534 пациенти што е зголемување за 47 проценти наспроти пред 2 години (362). Исто така за 263 отсто е зголемена и достапноста на високоефикасните лекови за истиот период, 109 наспроти 30 пациенти.

„Со примањето на иновативните лекови може да се контролира прогресијата на болеста. За првпат во јавното здравство обезбедена е и посебна просторија каде овие пациенти со соодветен медицински надзор ја примаат инфузионата терапија“, додаваат од Министерството.

Мултипла склероза (МС) е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Тоа е хронична, прогресивна, имунолошки посредувана, воспалителна и дегенеративна болест на централниот нервен систем.