Centar.mk
БИЗНИС

Склучен меморандум за соработка помеѓу Народната банка и Комисијата за заштита на конкуренцијата

Народната банка и Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) склучија меморандум за соработка насочен кон унапредување на размената на податоци и информации поврзани со конкуренцијата во банкарскиот сектор.

Како што беше истакнато на денешната средба на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и претседателот на КЗК, Владимир Наумовски, натамошното ефективно јакнење на конкуренцијата во оваа сфера би довело до подобри услови за корпоративниот сектор и за населението како корисници на банкарските услуги и производи, како и до проширување на лепезата производи што ги нудат банките, под конкурентски услови. Токму тоа е и основниот мотив за склучувањето на договорот со којшто попрецизно е дефинирана соработката помеѓу двете институции на ова поле.

Со меморандумот е регулирана размената на податоци и информации помеѓу двете институции при постапките коишто ги води КЗК, а коишто се поврзани со една или повеќе деловни банки, при изготвувањето анализи за нивото на конкуренцијата во банкарскиот сектор и при изготвувањето измени во подзаконската регулатива во надлежност на Народната банка.

Предвидено е да се одржува и годишен состанок на којшто претставници од двете институции детално ќе ги разгледуваат анализите поврзани со конкуренцијата во банкарскиот сектор и ќе разговараат за повеќе важни прашања, а доколку е потребно може да се одржуваат и повеќе состаноци годишно. Меморандумот содржи и одделни одредби коишто се однесуваат на едукација на вработените во Народната банка и во КЗК во областа на заштитата на конкуренцијата.

Кон завршницата на денешната средба, Ангеловска-Бежоска и Наумовски истакнаа дека натамошната соработка помеѓу Народната банка и КЗК ќе придонесе за постојано зајакнување на конкуренцијата во банкарскиот сектор.

Можеби ќе ве интересира

Туристичката комора на ССКМ иницира одложување на примената на EES системот на грчките граници за македонски државјани за време на летната сезона

ДЕСК

Второ место за Реплек на HR Days во Ровињ: „РЕсет“ меѓу водечките регионални HR практики

ДЕСК

Светот се соочува со најголемата енергетска криза во историјата, вели шефот на ИЕА

C +