Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, ја уверува јавноста дека не сака луѓе да останат без работа и да има жртви на процесот на реорганизација на јавната администрација. Тој денес на средба со претставниците на синдикатите разговарал за пет модели на можна реорганизација на вработените во јавната администрација.
„Едниот предлог е трансфер на вработените од јавниот сектор во приватниот сектор со тоа што приватната фирма би понудила повисока плата за вработените, а државата во одреден временски период би ги плаќала придонесите. Потоа пакети за преквалификација на вработените од јавниот во приватниот сектор, согласно потребите коишто ни ги доставиле претставниците на приватниот сектор, стопанските комори и Агенцијата за вработување. Третиот пакет е отпремнина, по своја волја вработени коишто сакаат да го напуштат јавниот сектор. Имаме предлог за преквалификација за внатрешни потреби и внатрешна реорганизација. Се зборуваше и за некој вид јавни приватни партнерства, ова е предлог кој доаѓа од другите партнери на овој дијалог и треба дополнително да се разработи“, изјави Манчевски.
И покрај генералното мислење во јавноста дека вработувањето во јавната администрација е најпосакувано, министерот Манчевски тврди дека луѓето секојдневно своеволно ги напуштаат своите работни места, мотивирани од покачувањата на платите во приватниот сектор.