22. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ексградоначалник на Демир Капија обвинет за злоупотреба – вработил советничка која не доаѓала на работа

Основното јавно обвинителство Велес поднесе обвинение против поранешен градоначалник на општина Демир Капија за злоупотреба на службената положба и овластувањето од чл. 353, ст. 4 во врска со ставовите 3 и 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот од 21.2.2015 до 12.10.2017 година како градоначалник на општината ја искористил службената положба и прибавил имотна корист за друг во износ од 1.177.476 денари. По приемот на лицето – сведок на работното место – советник за правни работи и застапување, дозволил да не доаѓа на работното место, електронски да не го евидентира своето присуство и да не ги извршува своите работни задачи во согласност со Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за систематизација на работните места во општинската администрација на Општина Демир Капија.

„Сепак, на вработената редовно ѝ се исплатувала месечна плата, со што на штета на општинскиот буџет ѝ бил исплатен бруто-износ од 1.177.476 денари. Обвинението е поднесено кога во текот на истражната постапка биле прибавени сите податоци што се однесуваат на регулирањето на работните задачи за работното место на кое била примена вработената, електронската евиденција за присуство на вработените на работно место и листите за исплата на плата, беше извршено економско вештачење, а беа испитани и повеќе сведоци – вработени во Општината“, соопшти Обвинителството./Makfax