3.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНОИЗБОР

Запалени уште два контејнери во Скопје

Непознати сторители вчеравечер запалиле два контејнери во населбите Центар и Чаир. Од ЈП „Комунална хигиена“ информираат дека на улицата Орце Николов, во близина на Генералштабот, вчеравечер е запален еден новопоставен контејнер. Во Чаир, пак, е запален стар метален контејнер на булеварот Христијан Тодоровски- Карпош.

Ваков инцидент се случи и пред два дена кога во една ноќ беа запалени осум контејнери во населбите Ѓорче Петров и во Ново Лисиче. Огнот предизвика голема материјална штета, а беа оштетени и две возила кои биле паркирани во близина на опожарените садови за отпад.

Претходно, во населбата Радишани изгореа три контејнери од 1,1 кубен метар и еден специјален контејнер-ѕвоно, наменет за селекција на стакло, како и еден нов контејнер на улицата Франклин Рузвелт.

Од Град Скопје информираат дека сите случаи на опожарување на садовите се пријавени до надлежните органи и ќе бидат преземени соодветни мерки за да се пронајдат и санкционираат сторителите.

Градот Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ апелираат до граѓаните да ги чуваат и да не ги оштетуваат контејнерите поставени на јавните површини за да се овозможи ефикасно одлагање на комуналниот отпад и да се одржува јавната хигиена.

„Садовите за отпад се набавуваат со пари од граѓаните, а со нивното оштетување се нанесува голема финансиска штета. Поради тоа, ги охрабруваме граѓаните да го пријават секој случај на вандализам врз контејнерите и врз другата урбана опрема за да се одржи комуналниот ред во градот, а јавните површини да бидат уредени и чисти“, велат од Град Скопје.

Спонзорирано: