Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми на Србија (РЕМ) денеска изрече пет мерки против три телевизии поради прекршувања на прописите за електронски медиуми за време на изборната кампања. Одлуките се објавени во официјално соопштение на регулаторот во 20:20 часот.
Телевизијата „Курир“ добила предупредување, а на Б92 ѝ е изречена дводневна забрана за емитување рекламни пораки. За телевизијата „Информер“ се изречени забрани за емитување на емисијата „Инфо јутро“ во траење од 15 дена и „Српски дневник“ во траење од 10 дена, како и седумдневна забрана за рекламирање поради нарушување на изборниот молк.
РЕМ соопшти и дека се поведени испитни постапки против РТС и телевизијата „Хепи“, додека за К1 не е изречена мерка. Одлуките се однесуваат на работењето на медиумите за време на изборниот период.


