Centar.mk
ЛОКАЛНОИЗБОР

Запалени уште два контејнери во Скопје

Непознати сторители вчеравечер запалиле два контејнери во населбите Центар и Чаир. Од ЈП „Комунална хигиена“ информираат дека на улицата Орце Николов, во близина на Генералштабот, вчеравечер е запален еден новопоставен контејнер. Во Чаир, пак, е запален стар метален контејнер на булеварот Христијан Тодоровски- Карпош.

Ваков инцидент се случи и пред два дена кога во една ноќ беа запалени осум контејнери во населбите Ѓорче Петров и во Ново Лисиче. Огнот предизвика голема материјална штета, а беа оштетени и две возила кои биле паркирани во близина на опожарените садови за отпад.

Претходно, во населбата Радишани изгореа три контејнери од 1,1 кубен метар и еден специјален контејнер-ѕвоно, наменет за селекција на стакло, како и еден нов контејнер на улицата Франклин Рузвелт.

Од Град Скопје информираат дека сите случаи на опожарување на садовите се пријавени до надлежните органи и ќе бидат преземени соодветни мерки за да се пронајдат и санкционираат сторителите.

Градот Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ апелираат до граѓаните да ги чуваат и да не ги оштетуваат контејнерите поставени на јавните површини за да се овозможи ефикасно одлагање на комуналниот отпад и да се одржува јавната хигиена.

„Садовите за отпад се набавуваат со пари од граѓаните, а со нивното оштетување се нанесува голема финансиска штета. Поради тоа, ги охрабруваме граѓаните да го пријават секој случај на вандализам врз контејнерите и врз другата урбана опрема за да се одржи комуналниот ред во градот, а јавните површини да бидат уредени и чисти“, велат од Град Скопје.

Можеби ќе ве интересира

Изминатата седница санкционирани 123 непрописно паркирани возила на територија на Општина Центар

ДЕСК

Зоолошката градина во Скопје ќе стане водечки центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните

ДЕСК

СВР Охрид во пресрет на Новогодишните и Божиќните празници ги интензивира превентивните активности насочени пред се кон младата полулација

ДЕСК