23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

За посигурна старост најдобар начин на штедење е во Третиот пензиски столб

Одвојувањето на дел од буџетот за штедење за многумина не е лесна задача. Меѓутоа, секогаш е важно да се најде здрава, исправна и одговорна мерка во трошењето, односно, да се води грижа за буџетот. Токму затоа штедењето може да биде добра навика бидејќи дури и најмалите заштеди значат сигурност и подготвеност да се одговори на предизвиците, потребите и неочекуваните барања

Постојат различни начини на штедење, но едно е сигурно – издвоените пари треба да бидат на сигурно место. Парите во домот може да исчезнат под некои екстремни услови како кражба, пожар или слично, но далеку почеста причина за нивно „исчезнување“ е што тие во домот се на дофат на раката и може лесно да се потрошат на работи кои не се неопходни.

Еден од најсигурните начини на штедење, доколку целта е да се обезбеди сигурност за периодот кога ќе заврши работниот век, или, пак, за да се пресретнат некои непредвидливи состојби, секако е со издвојување средства во Третиот пензиски столб. Со оглед дека повлекувањето на издвоените пари е можно најрано 10 години пред исполнување на условите за заминување во пензија, тоа дава сигурност дека парите нема да се потрошат на некои други цели. Дополнително, во денешни услови кога има постојан пад на каматите на депозитите во банките, приносот кој го остваруваат доброволните пензиски фондови, кој е повисок од банкарските камати, може да биде доволен поттик за доброволно штедење во Третиот пензиски столб. Според податоците од Народна банка на РСМ, во јуни просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесувала 1,41 отсто. Односно, во делот на домаќинствата изнесувала 1,38%.

„Средствата кои ги издвојуваат членовите за посигурни пензиски денови ги инвестираме во согласност со строги законски правила и други прописи од областа на капиталното финансирано пензиско осигурување и секако во согласност со инвестициската стратегија и инвестициската тактика на нашиот фонд, а со цел да се оствари поголем принос за членството.’’, вели Предраг Милошевски, член на Управен одбор – Втор Генерален директор на КБ Прво пензиско друштво.

Во КБ Прв доброволен отворен пензиски фонд кој е дел од КБ Прво пензиско друштво со инвестирање на парите има остварено седумгодишен принос од 5,94% на средствата на личните сметки на членовите во доброволниот пензиски фонд.

Дополнително, за да се стимулира штедењето во доброволните пензиски фондови, државата дава и даночни олеснувања и во случај кога се издвојуваат средства од страна на компаниите за своите вработени, но и ако се штеди на доброволна основа. Имено, во трет пензиски столб може да штедат оние кои се вработени, издвојување пари може да се врши и за обезбедување пензиски приходи на лица кои не се вработени или спаѓаат во категоријата на долгорочно невработени лица, како и за оние кои немаат приходи по ниедна основа. Може да уплаќаат и оние што се ангажирани на проекти или во странски мисии. Но и фриленсери и оние кои работат преку интернет и така обезбедуваат приход. Постои и можност за доброволно колективно пензиско осигурување односно организирање професионални пензиски шеми каде што работодавците уплатуваат дополнителни средства за пензиско осигурување за сите или за дел од своите вработени.

Без разлика на кој начин се штеди во Третиот пензиски столб, средствата кои се собираат на индивидуалните сметки можат да се повлечат најрано десет години пред возраста за стекнување право на старосна пензија, што во моментов значи најрано на возраст од 54 години за мажи, односно 52 години за жени. Средствата во доброволниот пензиски фонд можат да се исплатат со еднократна или повеќекратна исплата, како пензиски ануитет, со програмирани повлекувања, или со комбинација од овие опции. Собраните средства на доброволна индивидуална или професионална сметка на секој од членовите се наследни.