10.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

(Видео) Пендаровски свика лидерска: Не е време за разочарување, туку за обединување

По одлуката на Советот на Европската Унија да не даде датум за почеток на преговорите за членство на нашата држава во Унијата, се обрати претседателот Стево Пендаровски. Тој, меѓу другото, свика лидерска средба в недела и рече дека сега не е време за разочарување, апатија или калкулации за добивање ситни дневнополитички поени. Според него, сега е време за повторно обединување за, како што вели, она што ни е најважно во Република Северна Македонија – нашата иднина и иднината на генерациите што доаѓаат.

„За жал, заклучоците на Советот не се во согласност со нашите оправдани очекувања и сигурно не се во рамките на претходните најави на самата Унија. Разбирливо е што во овие моменти кај многумина постои чувство на разочараност, меѓутоа, емоциите настрана, мораме трезвено да се соочиме со новата реалност. Ниту една политичка одлука не е за вечни времиња ниту еден развој на настаните не е конечен. Неоспорно е дека ги исполнивме сите предуслови за почеток на преговорите и тоа беше констатирано на претходната средба на Советот во јуни кога, без други забелешки, беше заклучено дека од технички причини поврзани со временскиот лимит, по штотуку завршените евроизбори, одлуката ќе биде донесена на самитот во октомври.

Идејата за обединета Европа е право на сите Европејци и тоа никој не може да им го одземе. Ние сме европска држава и имаме право да бидеме дел од заедничкиот европски дом. Нашата држава има многу искрени пријатели и сојузници во Европа. Во овие моменти кога некои од нас се преиспитуваат, сакам јавно да кажам дека ние во Европа немаме непријатели, постојат само држави што имаат свои специфични национални интереси што ги штитат и во тоа нема ништо спорно. Сведоци сме дека огромното мнозинство држави се бореа и се борат за нашите интереси, како што се борат за сопствените национални интереси.

Членството во НАТО ќе се реализира набргу, а членството во ЕУ, знаеме одамна, нема да биде задача само на една влада, на еден парламент или на еден претседател.

Убеден сум дека ако го ѝ сакаме доброто на сопствената земја, единствениот исправен пристап, имајќи ги предвид новите околности, е да бидеме уште порешителни во трансформацијата на нашето општество. Токму затоа, во името на нашата иднина, ги повикав раководствата на најголемите политичките партии за момент да ги остават настрана своите легитимни партиски интереси и сите заедно да ја реафирмираме нашата визија за иднината на земјата.

За таа цел упатив покани за лидерска средба до претседателите на најголемите парламентарни политички партии и од власта и од опозицијата. Убеден сум дека токму сега е време да покажеме единство за нашата стратешка ориентација, без разлика на легитимните политички разлики по многу прашања“, истакна претседателот Пендаровски.

Спонзорирано: