23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Пендаровски ги прими акредитивните писма на новиот австриски амбасадор

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма од страна на Георг Вуцас, новоименуваниот австриски амбасадор во земјава.

Како што информираат од неговиот кабинет, Пендаровски истакнал дека годинава се одбележуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, кои, како што рекол, успешно се развиваат што се гледа и од бројните инвестиции на Австрија во нашата земја.

„Република Австрија е еден од најважните економски и трговски партнери на Република Северна Македонија, како и прв странски инвеститор во нашата земја со вкупни инвестиции од над 550 милиони евра. Токму присуството на бројните австриски компании на пазарот на Северна Македонија и честите бизнис-контакти, како и активностите на Македонско-австриската бизнис-асоцијација, дополнително придонесуваат за зближување на нашите држави и народи“, рекол македонскиот претседател.

Вуцас истакнaл дека е почестен што е назначен како амбасадор во земјава и изразил уверување дека ќе го даде својот придонес кон континуираното развивање и продлабочување на билатералните односи.

Посочил и дека Австрија е вистински пријател и ревносен поддржувач на членството на Северна Македонија во ЕУ, изразувајќи надеж дека во октомври Советот на министри за надворешни работи на ЕУ конечно ќе ја следи препораката на Европската комисија за отпочнување на пристапните преговори.