9.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

МОТ 2019 на шест сцени во Скопје и една во Велес

На годинешното издание на Млад отворен театар (МОТ), 44. по ред, кое ќе се одржува од 13 до 21 септември, ќе гостуваат петнаесет врвни театарски продукции, на шест сцени во Скопје и една во Велес.

Честа да го отвори фестивалот му припадна на проектот „Оваа зграда зборува (на)вистина“ – добитник на најпрестижната награда „Златна трига“ на 14. Прашко квардиенале за дизајн во сферата на перформанс, сценографија и театарска архитектура.

Покрај претставата за отворање, МОТ со задоволство го најавува гостувањето на Словенското младинско гледалишче и „Сѐ уште без наслов“ на Томи Јанежиќ, театарско искуство во времетраење од девет часа.

Во рамките на придружната програма на фестивалот ќе настапи култниот бенд „Шумски“ од Хрватска и номинираните за „Греми“, кумови на алтернативното кабаре – The Tiger Lillies со посебно шоу, со кое слават 30 години на сцената.

Покрај двата концерта, најавена е и работилница на специфична локација – „Оди и види“ во железничката зграда, потоа предавање и дискусија со Мајк ван Гран во киното „Култура“ и промоција на книгата „Анамнезис: Дијалози на уметноста во јавен простор“ од Сандра Ускоковиќ во МКЦ.

Локации на кои ќе се одвива програмата на МОТ 2019 се Националната опера и балет, киното „Култура“, железничката зграда, Театар „Комедија“, салата „Фросина“ – МКЦ, „Дансинг салата – МКЦ и Драмскиот театар, како и една локација во Велес – театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.

Продажбата на билетите за програмата на 44. МОТ почнува денеска, 5 септември (четврток), по 12 часот, на билетарницата во МКЦ и онлајн.

Цената на билетите за сите претстави до 12 септември е 200 денари.
* За „Сѐ уште без наслов“ билетите ќе чинат 500 денари, а за The Tiger Lillies по 350 ден.

Од 13 септември билетите за сите претстави ќе чинат 300 денари.
* За The Tiger Lillies по 500 ден.

*За претставата „Злосторството на 21 век“, која се игра во велешкиот театар, цената на билетите ќе биде 200 денари, со организиран автобуски превоз од Скопје.

Билетарницата во МКЦ работи секој ден од 13 до 20 часот.

Спонзорирано: