Министерството за здравство во текот на вчерашниот ден на Електонскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) објави повик за градежни фирми за изградба на новиот универзитетски клинички центар на гринфилд локација.
Критериум за избор на најповолна понуда ќе биде најдобар однос помеѓу цената и квалитетот, економски најповолна понуда. За првпат не е критериум најниска цена, туку економски најповолна понуда, при што се земаат во критеритум цена 30 бода и квалитет 70 бода.
„Изградбата на нов, современ и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје на greenfield локација ќе гарантира високо квалитетни здравствени услуги на населението во целата држава. Предвидениот пристап на Министерството за здравство, во согласност со “Студијата за изводливост на проектот преместување на Универзитетските клиники во Скопје на greenfield локација” е реализација на градбата во три последователни фази, по системот “клуч на рака“ кој подразбира проектирање, изградба, опремување, трансфер планови и нивна реализација, обука на персонал, како и одржување на објектот и опремата за определен период за секоја последователна фаза“, соопшти Министерството.
Со оглед на тоа што станува збор за сериозен проект, велат од таму, искуството на компаниите во изградба на слични проекти е од искучителна важност за изградба на нов универзитетски клинички центар.