Пратеникот на СДСМ, Борче Цветков, го праша министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, за растот на трошоците за живот и најавите за укинување на недела како неработен ден. Цветков посочи дека разликата меѓу синдикалната и владината потрошувачка кошница е над 12.000 денари, додека цените на основните производи продолжуваат да растат, а минималната плата не ги следи реалните потреби на граѓаните.
Тој побара одговор дали две минимални плати се доволни за достоинствен живот на едно четиричлено семејство, но и дали изјавите на заменик-министерот Марјан Ристевски за укинување на недела како неработен ден значат најава за законски измени со кои на работниците ќе им биде одземен и овој ден за одмор.
Во продолжение интегрален текст од обраќањето на Цветков:
За месец ноември синдикалната потрошувачка кошница изнесува 70.827 денари, додека пак потрошувачката кошница на Министерството за економија, т.е. вашата, изнесува 59.149. Колку чини за да преживееш во Македонија, зависи од која кошница гледаш. Но како и да гледаш, животот секако поскапува и тоа месечно од 500 до 1.000 денари.
Поскапувањата на храната веќе се реалност, има повисоки цени кај јајцата, месото, млечните производи и брашното. Новиот бран поскапувања веќе се чувствува во маркетите. Јајцата се поскапи за скоро 13%, а брашното за околу 7%.
Животот станува сè поскап, граѓаните преживуваат, а вие како влада немате слух. Наместо да се соочите со реалноста, вие повторно се користите со манипулации и пропаганди.
Не ви одговара синдикалната потрошувачка кошница, па измисливте своја.
Дали знаете, министре, дека само кај нас и во Србија има владина и синдикална потрошувачка кошница, претпоставувам дека е случајност.
Иако станува збор за различни методологии, на оваа вашата, односно на Владата, и другата на синдикатот, сепак разликата од над 12.000 денари отвора сериозно прашање за тоа дали владината пресметка доволно ги одразува реалните потреби на едно четиричлено семејство, особено кога станува збор за трошоците за кирија и домување.
Потребно е јасно да се разграничат методологиите за пресметување на потрошувачката кошница. Министерството објавува сопствена пресметка на трошоците за четиричлено домаќинство, додека синдикатите ја пресметуваат синдикалната минимална кошница. Разликите во методологијата, вклучително и третманот на трошоците за кирија, мора да бидат транспарентно објаснети, за граѓаните да можат да ја проценат реалната куповна моќ на своите приходи.
Истовремено најавувате дека минималната плата ќе продолжи да се усогласува според постојаниот законски модел во 2027. Или во превод, наредната година ќе се зголеми за некоја минимална и незначителна сума.
Велите дека сте ја намалиле инфлацијата, но намалувањето на инфлацијата не значи дека производите поевтиниле. Тоа значи дека цените може да продолжат да растат, но со побавно темпо. Затоа, кога зборуваме за стабилизирање на инфлацијата, мора да одговориме и на прашањето дали платите успеваат да го следат растот на трошоците за живот.
Минималната плата треба да претставува основна заштита од сиромаштија и да овозможува задоволување на најнеопходните потреби за живот. Меѓутоа, кога растот на цените ги надминува можностите на работниците да ги покријат основните трошоци, тогаш станува збор за класична сиромаштија, која се одразува врз секојдневниот живот на семејствата, нивната можност да обезбедат квалитетна исхрана, да ги платат сметките, да ги покријат трошоците за превоз и образование и да се справат со непредвидени трошоци.
Граѓаните заслужуваат плата со која ќе можат да живеат достоинствено, а не само да преживуваат од први до први во месецот.
Оттука, министре, моето прво прашање до вас, кое е многу едноставно, гласи:
Дали сметате дека две минимални плати се доволни за четиричлено семејство да го преживее месецот, и ако се доволни, врз кои критериуми или податоци го темелите тој став?
Министре, ги слушнавме изјавите на вашиот заменик Марјан Ристевски во однос на укинувањето на недела како неработен ден. По ваквата изјава имаше бурни реакции во јавноста од страна на граѓаните/работниците.
Дали ваквата изјава е најава за измена на Законот за работни односи и удоволување на Стопанската комора, за да можат недела да им ја земат на работниците и семејствата?
Моето второ прашање до вас е: Дали недела ќе стане работен ден?
https://youtu.be/IfRl2hhgJak?si=atXmEmR5u3grn5o_


