23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Македонскиот филм „Петрунија“ освои уште една награда на меѓународен фестивал

На штотуку завршениот „Мотовун Филмски Фестивал“ во Хрватска, фолмот „Господ постои, името и е Петрунија“ на режисерката Теона Стругар Митевска ја доби наградата на критичарите – ФИПРЕСЦИ.

Како што информираат од „Продукција Митевски“, на Мотовун Филмскиот фестивал 20 филма се натпреварувале за само две награди што се доделуваат.

Главната награда „Пропелер“ ја добил исландскиот филм „Бел бел свет“, а наградата на критичарите ФИПРЕСЦИ македонскиот филм „Господ постои, името и’ е Петрунија“.

„Главната актерка не освои со одличен актерски израз и брзо не увери дека главниот лик е паметна жена која е комплексна личност и која ја открива нејзината моќ во текот на филмот. Таа е симбол на потребата за слобода во многу сфери и укажува на неопходните промени. Филмот е црна комедија, врвно изрежирана, монтирана, динамична и брзо го вовлекува гледачот во неговиот свет“, наведува во образложението за доделената награда, тричленото жири на фестивалот во состав од Маријана Јаковљевиќ, Јел Шот и Јасмила Шепетач.

Fédération Internationale de la Presse Cinématographique е најстарото и највлијателното друштво на филмски критичари во светот, обединувајќи критичари од 50 земји од целиот свет. Наградата која ја доделува ова здружение, со нивните меѓународни критичари, носи голема популарност помеѓу филмските автори.

Мотовун Филмскиот фестивал е 37 фестивал во светот каде се доделува оваа награда.