15.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Шекеринска во посета на РЕК Битола: Вложуваме 20 милиони евра во нови филтри за заштита на животната средина

Заменик-претседателката на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски денеска го посетија РЕК Битола. Со менаџментот на комбинатот тие разговараа за тековните проекти во најголемиот производител на електрична енергија во земјава и за активностите коишто обезбедуваат намалување на трошоците за производство, а зголемување на количеството произведена струја.

„Изминатава година многумина создаваа паника кај нашата јавност дека либерализацијата на пазарот со електрична енергија ќе значи зголемување на цената на струјата којашто ја плаќаат граѓаните и индустријата. Тврдевме дека тоа не е точно и со последните одлуки и на Владата и на Регулаторната комисија се покажа дека со домаќинско работење можно е да постигнете тројна цел: задржување на цената на електричната енергија, зголемување на производството на електрична енергија за сметка на поранешниот увоз и воведување на евтината тарифа на струјата. Притоа, сите овие три работи беа возможни само ако домаќински и професионално се работеше во електраните, а особено во клучната електрана којашто го носи целото производството во нашата држава, а тоа е РЕК Битола. Еден дел од парите коишто останаа, сега можеме да ги инвестираме во еколошки проекти. Оваа година веќе, РЕК Битола покажа дека зборот важи. Започната е постапката за реконструкција на електростатските филтри на комбинатот. Овој е рецептот што го користиме како Влада и овој е рецептот кој го бараме од менаџмент тимовите низ цела држава. Ние и понатаму ќе продолжиме да даваме поддршка на ваквите политики. Тие се добри за комбинатот, добри се за електраните, меѓутоа пред сѐ и над сѐ, се добри за граѓаните на оваа држава, рече ЗПВРСМ”, Радмила Шекеринска.

Раководството на комбинатот ја информираше заменик-претседателката на Владата, Шекеринска за постапката за избор на изведувач за реконструкција на електростатските филтри.

„Заврши првата фаза од јавната набавка за реконструкција на електростатските филтри на која се пријавија девет компании. Од нив, седум продолжуваат во следната фаза. Сакаме да потенцираме дека се работи за сложен проект во секоја смисла, финансиски тежок над 20 милиони евра, во чија реализација не сакаме да ги направиме грешките од минатото, како при модернизацијата на котлите, на пример. Но, за нас, зборот важи и наскоро ќе го добиеме и изведувачот на работите за реконструкција на електростатските филтри. Тоа е најголемиот еколошки проект во РЕК Битола, со огромно значење за Битола, Новаци, Могила и останатите населени места”, рече директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски.

Според директорот на РЕК Ковачевски, во првите шест месеци од годинава, оствареното производство на електрична енергија е за 16% поголемо од планираното. Споредбено со истиот период лани, производството е зголемено за 77%. Во меѓувреме, како што рече Ковачевски, трошоците за производство во периодот јануари – јуни годинава, се за 650 милиони денари пониски од предвидените.

На средбата на заменичката на претседатеот на Владата и министерка за одбрана Шекеринска и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Димковски со менаџерскиот тим на РЕК Битола беше посочено дека и годинава, како и лани се реализираат ремонти на трите блокови со што се подобруваат производствените перформанси на постројките. Ремонтот на Блок 1 и Блок 3 е завршен, а од 15 август до 15 ноември следува капитален ремонт на Блок 2.

Спонзорирано: